Македонија
7. March 2016 - 9:08

Манифестација „Вечери на женски права“

Изложби, проекции на филмови и дебати, се дел од големиот број активности што ќе се организираат од денеска до 12 март по повод седмото издание на манифестацијата „Вечери на женски права“.

Во Изложбениот салон Империјал 1 во Културно-информативниот центар вечер ќе биде отворена изложбата „Нераскажаните приказни на суперхероините 3“.

Утре ќе се одржат поголем број активности на повеќе локации. Во „Холидеј Ин“ ќе се одржи Национална конференција за одбележување 10 години од донесување на  Законот за еднакви можности на жените и мажите „Финансирање за родова еднаквост и Агендата 2030”.

Во КИЦ ќе се промовира преводот на третиот том од едицијата Историја на жените на западот „Парадоксите на ренесансата и просветителството” во издание на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во Кинотека Македонија вечерта ќе биде прикажан филмот „Слободниот глас на Египет - Навал Ел Садави", во режија на Констанзе Буркард, по што ќе се одржи дебата на тема „Зошто феминизмот има толку непријатели“.

Во среда, 9 март, во Кинотека на Македонија во 18 часот ќе биде прикажан шпаскиот филм „Танџер гол“ кој е во режија на Хуан Готје, додека во 20 часот ќе се прикаже филмот „Да си ја знаеш слободата" кој е во режија на Суприја Шринивас и Галија ал Акили. По прикажувањето на филмовите ќе се одржи дебата на тема „На две патеки: мажите и жените во спортот“.

Во четврток исто така во Кинотека на Македонија во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Солидарност од женски аспект" кој е во режија на Марта Џидо и Пјотр Сливовски, по што ќе се одржи дебата на тема „Родовата еднаквост на политичката агенда“.

Во петок во Кинотека во 20 часот ќе бидат прикажани поголем број кратки филмови од Конкурсот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности и весникот „Нова Македонија“, каде што публиката ќе може да ги проследи филмовите: „Ипсилон", на авторката Анастасија Точевска; „Жената е човек",  на авторите: Јасмина и Гоце Трајкоски, „Украдена Насмевка", на авторот Сергеј Сарчевски, „Одзив", на  авторот Сара Александровска и „Нескршлив ум", на авторот Филип Петрески.

По проекцијата на кратките филмови, ќе биде прикажан филмот „Аристофан во Днопоље“ во режија на Наташа Милоевиќ и Небојша Радосавлевиќ, а по филмот ќе се одржи дебата на тема „Двојна исклученост: жените од руралните средини“.

Седмото издание на „Вечери на женски права“ ќе бидат затворени во сабота во Кинотека на Македонија со прикажување на филмот „Бог не работи во недела!“ во режија на Леона Голдштајн.

И годинава покровител на „Вечерите на женски права“ е Градот Скопје.