Македонија
18. December 2015 - 18:32

Манифестација по повод завршување на проектот за општо корисна работа во Куманово

Заврши шестмесечниот проект за општо корисна работа во Куманово. По тој повод, лицата со попреченост од двата дневни центри од Куманово и нивните ментори вклучени во проектот денеска организираа завршна манифестација во Кумановскиот театар, презентирајќи драмско-музичко сценска точка.

На манифестацијата во Куманово присуствуваше и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, која изјави дека ова е продолжување на подолгорочната соработка на УНДП во Куманово во однос на вклучувањето на лицата со попреченост во социјалните политичките и економските аспкети.

Потсети дека заеднички со Министерството за труд и социјална политика работат и во 41 општина во државата во однос на работно ангажирање на долгорочно невработените лица што треба да пружат помош на лицата кои се социјално исклучени, лица со попреченост, Роми, стари лица и обезбедување грижа за нив.

- Преставата е само пример како можат лицата со попреченост да бидат вклучлени во социјалниот и спортскиот живот, изјави Винтон.

Градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски изрази задоволство од спроведувањето на проектот во кој беа вклучени и невработените и лицата со попреченост.

Потсети дека и за наредната година општината од буџетот за дневниот центар „Порака Наша“ ќе одвои милион и пол илјади денари од кои дел ќе бидат наменети за волонтери, педагози, професори по физичко, музичко образование кои работат со лицата со попреченост.