Македонија
23. February 2019 - 16:13

Манчевски тврди дека дел од вработените роднини се дефицитарен кадар

Вработувањето во јавна администрација на лица во роднинска врска со владини функционери не е прекршување на Закон, туку на етика. Затоа само притисокот од јавноста може да ги натера да се повлечат од функциите или да дадат отказ од работното место, е ставот на министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.

-Ние викаме дека некој треба да се повлече. Дали да се повлече човекот кој што е вработен или да се повлече функционерот. Не е лесна одлуката, се работи за семејни одлуки. Но, од друга страна, не може да ги ставиме сите во исти кош. Понекогаш се работи за луѓе кои навистина се дефицитарен кадар- изјави ДАМЈАН МАЧЕВСКИ, МИНИСТЕР ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО

Во однос на перцепцијата на јавноста дека, администрацијата постојано се зголемува, Манчевски вели дека на крајот на март ќе го објават годишниот извештај за состојбата во јавниот сектор и точно ќе се знае бројот на вработени, а допрва ќе следуваат вистинските реформи.

- 2018 година беше година на правење на стратегии, планови и анализи, а 2019 година е за правење резултати за нас во МИО, така што, голем број од чекорите кои се наменети за реформи во администрацијата, но и во дигитализацијата, ќе бидат многу видливи оваа година, додаде Манчевски

Ќе се воведе т.н нов систем на висока раководна служба, односно, нов начин на избор на раководни лица, преку независна комисија составена од луѓе од институциите, но и надвор од нив, кои ќе имаат задача да ги разгледуваат квалификациите на кандидатите и да вршат бодирање. На нивен предлог, Владата ќе избира од посочената многу кратка листа на високо квалификувани кандидати.