Македонија
27. November 2018 - 15:08

Манчевски: Со закон ќе се дефинира кои позиции се со политички именувања, а кои се професионални

Транспарентност при изборот и разрешувањето на раководителите на државните институции и точно дефинирање кои позиции се политички именувања, а кои се професионални, е целта на законот за висока раководна служба што го изготвува Министерството за информатичко општество и администрација.

Како што истакна денеска министерот Дамјан Манчевски, се прави голем исчекор кон професионализација и департизација на јавната администрација. Тоа е едно од клучните барања на граѓаните, но и на нашите партнери од ЕУ.

–  Да бидеме искрени, притисокот и политизацијата на администрацијата може да дојде од раководниот кадар. Затоа овој закон би требало да го реши овој проблем. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализацијата на администрацијата, што е една од главните цели на процесот на реформа на јавната администрација. Тоа ќе се постигне преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и правична застапеност, потенцира Манчевски кој учествуваше на презентацијата на првиот Национален извештај од следењето на реформите на јавната администрација спроведен во рамки на проектот ВеБЕР.

Според него, ваков тип проекти и извештаи кои ги детектираат предностите и слабостите во процесот на реформа во јавната администрација, се од особена важност за да се добие јасна и објективна слика како се одвиваат процесите внатре, во институциите.

-Работата на јавниот сектор влијае врз секој граѓанин на државата, а очекувањата за побрзи и поквалитетни усуги постојано се зголемуваат. Притисокот да се биде креативен и иновативен во барање решенија за проблемите и очекувањата на граѓаните ја наметнува потребата од постојана кординација и будно следење на сите случувања, истакна министерот.

Се осврна и на клучните проекти што ги работи МИОА базирани на приоритетите од Европското партнерство, препораките од изештаите за напредокот на Македонија, извештаите на СИГМА за административните капацитети на институциите и консултативниот процес со сите релевантни институции.

Истражувањето презенирано денеска, покажа дека консултациите со граѓанските организации во однос на Стратегијата за РЈА 2018-2022 беа инклузивни и транспарентни. Во рамки на регионот, Македонија е меѓу земјите што покажуваат едни од најдобрите резултати – буџетите се лесно достапни и постојат полугодишни и квартални извештаи, граѓанскиот буџет како еден од најдобарите примери во регионот, а сите буџети се достапни во отворен формат.