Манчевски: Плата за блокираните институции кои не внесоа податоци за вработените во администрацијата
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски информираше дека денеска ќе им биде исплатена платата во институциите кои не ги внеле податоците за вработените во Информациониот систем за управување со човечки ресурси. Од 15-ти октомври до денеска во системот се внесени нови 32.247 податоци за вработените, од кои 21.827 податоци за вработени кои досега воопшто не биле во системот, додека 10.420 податоци се ажурирање на претходно доставени податоци. Во моментов вкупната бројка на внесени вработени изнесува 91.653.
-Наша цел не е казнување на вработените, но наша цел е воведување на ред во системот и обезбедување точни податоци за состојбата со бројот и демографските карактеристики на вработените во јавниот сектор во ИСУЧР, согласно со закон, рече министерот Манчевски. На овој начин, како што додаде, МИОА постапува по забелешката на Државниот завод за ревизија.
Овој пат врз основа на проверка поради неажурирани податоци, платата била стопирана во 80 институции.
Манчевски на прес-конференцијата истакна дека стопирањето на плати, нема да биде еднократен процес. – За да имаме во реално време релеватни податоци за вработените, неопходно е тие да се ажурираат навремено. Затоа, овој процес ќе се повторува секој месец и во секоја институција каде што нема да се внесуваат и навремено ажурираат податоците. Системите на Упрвата за јавни приходи и на МИОА се поврзани и овој процес е веќе автоматски, рече Манчевски.
Во оваа, како што кажа тој, операција, не се вклучени здравствените, образованите институции и градинките, но и овие кадри ќе треба да бидат внесени во системот откако ќе бидат донесени измените на Законот, кој, како што најави Манчевски, набрзо ќе влезе во процедура. Во овој процес не се нити Министерството за внатрешни работи, ниту Армијата, затоа што нивна обврска според закон е доставување само на вкупна бројка на вработени без поединечна анализа.
Извештајот со вкупниот број на вработени во администрацијата ќе биде објавен во март. Министерот вели дека сега не може точно да каже колку вработени има во администрацијата бидејќи нема целосна пополнест на системот.
– Но, со динамиката што ја утврдивме следниот месец ќе може да кажеме дека сме целосно внесени податоците и тие јавно ќе бидат достапни, вели Манчевски.
МИОА, вели тој, ги нема податоците за потребите за вработување на секоја институција поединечно, се работи за 1.300 институции.
-Тоа го менаџираат раководителите на инстуитуциите. Ние ги спроведуваме постапките, не го планираме нивното вработување или кои се нивните систематизации и годишни планови за вработување. Се работи за комбинација, пополнување на тоа што се празни и евентуално некои нови места, рече Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата за нови вработувања во администрацијата.
Како пример за отворање над шеесетина нови работни места министерот посочи на Управата за извршување на санкции, каде што се воведува сосема нова функционалност пробација – контролни алки што се ставаат на притворени за да не избегаат кога ќе се пуштат од домашен притвор.
Министерот предупреди дека на крајот на годината во јавноста повторно може да има интерес од јавноста, особено поради претстојните можни избори, за договорите на определено време.
– Знам дека ќе има обид ова да се поврзе во изборни цели. Но, да ве потсетам дека и лани беше така и претходно беше така, бидејќи согласно законот на 31 декември им истекуваат договорите за оваа година и институцијата ги продолжува на определено време договорите, рече Манчевски.
Ново на Сител
-
Одредена мерка притвор за тројцата учесници во инцидентите во Скопје
-
До април 2025 година ќе почнат градежните работи за третата фаза за Старата скопска чаршија, најави Меџити
-
Меџити за инцидентите на Денот на албанското знаме: Ќе одговараат сите кои го прекршиле законот
-
Македонец за 3,000 евра месечно отишол да се бори за руската војска во Украина
-
Пуштено во употреба метрото во Солун
-
Уапсени велешани со еден килограм кокаин | ФОТО
-
И утре облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
-
ЦУК: До 11 часот сите патни правци во државава се проодни, освен планиските делови