Балкан
15. November 2020 - 15:37

Манастирлиу: Состојбата со Ковид-19 во Албанија критична и деликатна

Албанската министерка за здравство, Огерта Манастирлиу состојбата со пандемијата на Ковид-19 во земјата ја оцени како критична и деликатна.

Додаде дека спроведувањето на стратегијата „есен-зима“ веќе започнала, а презентирајќи бројки на заразени нагласи дека во споредба со пред еден месец има двојно зголемување на позитивните случаи.

– Епидемиолошката состојба е критична, деликатна. Целото наше внимание е во прецизното спроведување на стратегијата есен-зима. Главната цел останува да се ограничи ширењето на инфекцијата. Ситуацијата во последните денови ја контолираме, но изминатава неделава имаме постојан пораст на заразени случаи. Во споредба со претходниот месец имаме двапати повеќе позитивни дневно, рече Манастирлиу.

Таа посочи дека врз основа на анализата на Институтот за јавно здравје, моментно на територијата на земјата има 265 активни жаришта, од кои 76 отсто се фамилијарни.

– Многу е важно во моментот кога сте сомнителен случај, сте биле дел од контакт со позитивен на вирусот, треба веднаш да се изолирате. Војната се води на неколку фронта, но првиот е индивидуалниот фронт, порача министерката.

Вчера беше забележан нов негативен рекорд од 532 новозаразени во едно деноноќие, а починаа седум паценти.