Фудбал
8. December 2015 - 15:24

Мамиќ на слобода но со забранет влез во Динамо

Извршниот претседател на хрватскиот фудбалски шампион Динамо, Здравко Мамиќ, кој е обвинет за финансиски малверзации, ќе може да се брани од слобода доколку плати кауција од 1,8 милиони евра. Сепак, како што пренесува агенцијата Hina, тој нема да смее да контактира со сведоците, ниту да ги извршува функциите во клубот.
 
Здравко Мамиќ, меѓу другите, нема да смее да контактира ниту со својот брат Зоран, кој инаку е тренер на фудбалерите на Динамо. Од слобода ќе можат да се бранат и преостанатите осомничени, синот на Здравко, Марио Мамиќ, и двајцата стопанственици Сандро Стипанчиќ и Игор Крото.
 
Овие четворица се осомничени дека од фудбалските трансфери од клубот ‘извлекле’ 10 милиони евра и 500.000 фунти.
 
Истрагата се сомнева дека Мамиќ од крајот на 2004 до април оваа година создал злосторничко здружение. Преку офшор фирми од 2004 година биле извлекувани парите, односно Мамиќ со својот син, Крото и Стипанчиќ договарал фиктивни договори меѓу Динамо и странски фирми за преземање непостоечки долгови на клубот кон играчите и за непостоечки услуги во посредување при трансферите на играчи кои во име на Динамо ги потпишувале Мамиќ и Врбановиќ.
 
Против челниците на Динамо, браќата Мамиќ, односно извршниот претседател на Хрватскиот фудбалски сојуз, Дамир Врбановиќ, и даночниот инспектор Милан Пернат, во јули е покрената истрага за даночно затајување и други незаконски работи. Овие четворица се сомничат дека Динамо го оштетиле за 15,6 милиони евра, а државниот буџет за околу 1,6 милиони евра.
 
Браќата Мамиќ поради оваа истрага завршија во притвор, но откако ја платија кауцијата беа пуштени да се бранат од слобода.