Македонија
12. јуни 2019 - 17:38

Малолетна девојка се удави во базен во Битола

14-годишно девојче се удави во базенот „Довлеџик“ во Битола, кој во моментов не е отворен за посетители. Од битолската болница велат дека девојчето е донесено на ургентното одделение без никакви знаци на живот после пад во базен. Но, упорноста на екипата од ургентно и извршената реанимација биле неуспешни, вели портпаролот на болницата, Сузана Конеска и додава дека случајот понатаму го презема МВР и Обвинителството.

Базенот е во сопственост на Јавното претпријатие „Стрежево“, но моментално е издаден под концесија на 15 години. Од „Стрежево“ велат дека кога слушнале за немилиот настан веднаш се упатиле кон базенот.

- Кога дојдов тука, вратите беа ширум отворени, нашиот диспечер проба да ги брка децата, иако не е во надлежност наша. Наша надлежност е само управувањето на главниот канал. Во април 2017 година базенот „Довлеџик“ е даден под наем во времетраење од 15 години на компанијата. Концесијата е дадена од поранешното раководство. Мене ми е жал за случувањето и за овој изгубен млад живот, упатувам сочувство до семејството. Но, јас сум изненаден со тоа што во овој период, кога го стопанисува друг базенот, во најмала рака би требало да има обезбедување на објектот, за да не се случуваат вакви немили настани, изјави Менде Граматковски, директор на ЈП „Стрежево“.

Концесионерот пак, денеска не сакаше да го коментира немилиот настан.

Од битолската полиција го потврдуваат случајот. Според првичните информации, околу пладне било пријавено дека во базенот „Довлеџик“ се удавило девојче родено 2005 година кое било од ромска националност. Од СВР Битола најавуваат дека ќе излезат со повеќе детали подоцна.