Бизнис
28. November 2018 - 19:45

Малку се користат обновливи извори за добивање струја

Со три до четири милиони евра од Буџетот би можеле да се изградат фотоволтаични централи кои ќе имаат 10 пати поголема моќност од оние кои ги имаме во моментов. Еден од заклучоците на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница е дека за земјава не постои друга алтернатива освен обновливите извори.

- Македонија е енергетски лимитирана земја и производството на електрична енергија во иднина може да се подобри само од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Недозволиво е Македонија како земја со голема сончева радијација во моментов да располага само со 20 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични централи., Кочо Анѓушев.

Според Анѓушев, изградбата на фотоволтаичните централи ќе има голем удел на градежништвото и ќе ја заживее оваа гранка. Вели, Македонија навреме ќе ги зарши сите обврски од Законот за енергетика – донесен во мај годинава.

На состанокот беа побарани стимулативни мерки за да се зголеми употребата на обновливите извори.

- Со цел поголема употреба на ОИЕ во земјите договорни страни на Енергетската заедница потребни се низа стимулативни мерки за поттикнување на нивната поголема примена. Преку разни форми на грантови и средства од разни фондови како и подигнување на свеста кај бизнис секторот и граѓаните за позитивните ефекти од обновливите извори треба да се стимулира нивната употреба, истакна претседавачот на Парламентарниот пленум, пратеникот Хари Локвенец.

Во земјава досега изградени се 72 мали хидроелектрани, се градат триесетина, а распишан е тендер за изградба на уште дваесет. Со тоа во земјава ќе има околу 120 хидроелектрани. И додека во светот се повеќе се користат алтернативни извори, во Македонија јагленот се уште е најкористен енергенс за производство на струја.