Македонија
13. јуни 2019 - 16:18

Малите партиите се откажаа од избори, бараат владата да не поднесува оставка

„Убедени сме дека 2019-тата ќе биде година во која ќе ги почнеме преговорите со Европската унија. Ова е легитимно очекување кое го темелиме на најпозитивниот извештај и на завршените домашни обврски“, вели главниот технички преговарач со Унијата Бојан Маричиќ.

Топката е сега кај европските претставници. Маричиќ убеден дека интензивната дипломатска офанзива вродила со плод и дека Македонија заслужено ќе биде наградена со одлука за почеток на преговорите.

Во спротивно, вели, на земјава ќе и претстои забавување на реформскиот процес, а кредибилитетот на ЕУ ќе биде сериозно нарушен.

Определувањето на датум не е важен само за Македонија. И Европската унија има причини поради кои треба да донесе позитивна одлука, пред се поради растот на крајно десничарските партии.

Треба да се има предвид и ситуацијата во Грција, каде што за помалку од еден месец се одржуваат избори.

Околу датумот за преговори се огласија и помалите политички партии кои се дел од власта. НСДП оценува дека наместо влошување на политичката ситуација во државата со оставка на Владата и распишување на предвремени избори, времето до почнувањето на преговорите Владата треба да го посвети на пресметка со корупцијата, криминалот, непотизмот, неодговорното однесување на носители на јавни функции и зајакнување на економијата.

За Демократскиот сојуз, пак, независно од одлуката за почеток на преговорите, Македонија треба да продолжи со реформите и имплементација на европските стандарди, бидејќи тоа е од интерес на сите граѓани.