Македонија
20. јуни 2019 - 13:19

Максимален поврат на ДДВ ќе имаат само семејствата кои трошат над 3.000 евра месечно

Во зависност од даночната стапка, за да го остварите максималниот годишен поврат на ДДВ од 28.800 денари ќе треба да потрошите меѓу 17.000 и 62.000 евра годишно, покажува пресметката.

Доколку купувате само производи кои се даночат со стапка од 18% тогаш пресметката вели дека за да вратите 28.800 денари (колку што е предвидениот максимум) за една година, вие ќе мора да потрошите точно 17.344 евра за една година или да трошите по 1445 евра секој месец само на производите кои се даночат со стапка од 18%.

Но поголемиот дел од храната и уште некои производи кои најчесто се купуваат се даночат со повластена даночна стапка од 5%. 
Во таков случај, кога би сакале да го направите максималниот годишен поврат на ДДВ од 28.800 денари, само од купени производи кои се даночат со стапка од 5%, тогаш вие за една година ќе треба да потрошите фантастични 62.439 евра или секој месец во продавница да оставате по повеќе од 5.200 евра.

Ако претпоставивме дека во еден месец ќе купувате подеднакво производи даночени со 5% и 18% ДДВ, тогаш некоја средна потрошувачка што Ви е потребна за да го остварите максимумот поврат би се движела околу 40.000 евра на годишно ниво што значи дека секој месец би требало Вашето семејство да троши по околу 3.300 евра.

Ќе направиме и пресметка на една просечна плата од 24.000 денари. Доколку целата ја потрошите на производи даночени со 18% ДДВ тогаш, вие практично ќе платите 4.320 денари за ДДВ. Од нив, во тој месец ќе имате право да вратите 648 денари. 

Доколку купувате производи кои се даночат со 5% (како на пример храната) тогаш вие ќе платите 1200 денари ДДВ. Од оваа сума, тој месец ќе имате право на поврат во износ од 180 денари.

Се разбира, покрај потрошувачката по продавници, Вие од Вашата плата ќе морате да ги платите режиските трошоци во Вашиот дом, а платениот данок за нив не може да се поврати.