Свет
5. August 2021 - 17:06

Макрон: Трета доза од вакцина против Ковид-19 е потребна за повозрасни лица и ранливи групи

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави дека на ранливите групи и повозрасните луѓе најверојатно ќе им треба трета доза на вакцина против Ковид-19, со што Париз и Берлин не се откажуваат од довакцинација и покрај предупредувањето од Светската здравствена организација.

– Веројатно ќе биде потребна трета доза, но не за сите веднаш, туку во секој случај за најранливите и највозрасните, изјави Макрон.

Неговата Влада се обидува да ја забрза програмата за вакцинација во Франција, бидејќи земјата се соочува со четвртиот бран на коронавирус и со улични протести против политиката за справување со Ковид-19.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус вчера повика да се почека со довакцинација барем до крајот на септември.

Германија и Франција ќе продолжат со довакцинирање на населението од септември, игнорирајќи го повикот на СЗО да почекаат додека не се вакцинираат повеќе луѓе во светот.

Франција и Германија досега вакцинирале 64,5 проценти, односно 62 отсто од населението со барем една доза, додека 49 проценти од Французите и 53 отсто од Германците се ревакцинирани.