Свет
15. May 2017 - 14:38

Макрон пристигнува во Берлин на договор за иднината на ЕУ

Новиот француски претседател по вчерашната инаугурација за шеф на „Петтата република“ денеска пристигнува во Берлин каде што со неговата домаќинка Ангела Меркел ќе се обидат да ги зацврстат германско - француските односи што се соочени со предизвикот за правецот по кој ќе се движи европскиот проект. 

Меркел, која вчера оствари уште една убедлива победа на покраинските избори во нејзината изборна единица, денеска се очекува да ги потврди пораките за поддршка на Макрон изречени пред и по изборната победата на францускиот претседател. Таа во текот на викендот најави дека ќе му даде поддршка на Макрон да ја реформира Франција , дури и му сугерираше да го преземе германскиот модел на реформи од пред една деценија, но нема да може да му даде конкретна поддршка за неговите планови, пред се, поради отпорот во редовите на нејзината партија ЦДУ. Дел од нејзините сопартијци се противат на проектите на Макрон, пред се, на решенијата кои ги нуди во однос на механизмите преку кои функционира Еврозоната.
 
Откако предходно забелешки за дел од идеите даде министерот за финансии, Волфганг Шојбле, кој смета дека заеднички буџет на Еврозоната мора да биде донесен со консензус на сите членки на ЕУ, денеска со реакција излезе и еврокомесарот за буџет и адинистрација Гинтер Отингер, кој од Берлин порача  дека предлогот на Макрон за воведување позиција министер за финансии на Еврозоната е само сон. И Отингер и другите германски политичари се согласуваат дека е потребно засилување на европското единство и во ЕУ и во Еврозоната, но за начините на кои треба да се стори тоа треба дополнително да се разговара врз основа на основните документи на ЕУ, пишуваат дел од германските медиуми. 
 
Предлозите на Макрон внесоа немир и во германската владеачка коалиција откако во дуел влегоа лидерот на Социјалдемократите Мартин Шулц и министерот за финансии Волфганг Шојбле, а предходо и министерот за надворешни работи, Зигмар Габриел, го обвини Шојбле дека се противи на идеите на францускиот претседател за да го сочува имиџот на неговата партија во пресрет на федералните парламентарни избори во септември.
 
Според дел од идеите кои доаѓаат од опкружувањето на Макрон, а од кои, поради нивната нереалност, постепено се откажува и францускиот претседаел Еврозоната треба да добие и сопствен парламент со пратеници од земјите членки на Европската монетарна унија.
 
Голем дел од германската јавност, се уште, е вознемирена од сценаријата во кои Германија ќе треба да плаќа за реформите на економски послабите членки на ЕУ и Еврозоната што добија огромни средства од европските финансиски механизми, а неколку години по финансиската криза се уште не ги завршиле домашните задачи дадени од Брисел. Тоа е најголема причина зошто ЦДУ на Меркел е внимателна во врска со идеите на Макрон, кој очекува безрезервна помош од владата во Берлин која има разбирање за неговите барања, но е притисната од внатрешни проблеми. 
 
Стравот кај германските даночни обврзници и гласачи дека тие ќе ги финансираат и француските реформи може да влијае на пријателските односи Берлин - Париз, што вербално треба денеска да бидат зацементирани уште еднаш.
 
Според дел од германската јавност, технички се до изборите во септември колку и да сака Франција да ги промени принципите врз основа на кои функционира Еврозоната, пријателството меѓу Меркел и Макрон не може да донесе драматични односи во начинот на кој во моментов функционира ЕУ и Еврозоната, пренесува дописникот на МИА од Берлин.