Македонија
22. March 2019 - 16:25

Макрадули: На дивата платформа не и е местото на Матка

Во координирана акција по наредба од инспекцискиот совет, инспектори од повеќе министерства биле задолжени да направат увид на Матка по што ќе биде позната и судбината на дивоградбите во ова подрачје. Од Министерството за животна средина незнаат дали ќе бидат урнати или пренаменети, но тврдат дека со новото законско решение кое треба да го достават до Влада најдоцна до 15 јуни, ќе биде решено кој ќе управува и  кој ќе ја одржува околината. Надлежните велат дека на диви платформи местото не им е во заштитено подрачје.

- Вчера инспектор од Министерството за животна средина направи увид, а има и координирана акција од инспекцискиот совет за Струга и Матка на повеќе инспектори од повеќе министерства.  Мене ми е драго што антикорупциска поведе постапка за Матка, вели Јани Макрадули, заменик министер за животна средина.  

Недоразбирањата на релација Град Скопје – општина Сарај, треба да бидат надминати со новото законско решение. И додека Блерим Беџети најави дека нема да ги легализира дивоградбите но нема и да ги урива, од Град Скопје велат дека со новиот закон ќе бараат да нема субјективна воља од ниту еден градоначалник.

- Оваа дива платформа нема да биде опфатена со новиот закон за Матка. Но денеска им послужи на претставници од повеќе министерства, стоејќи на неа да го гледаат подводното чистење на езерото.

Новиот закон за Матка треба да го реши и загадувањето на езерото од несовесните посетители. Ќе има чувари кои ќе се грижат пластиката да не завршува во водите.

- Едно вакво пластично шише му треба сто години да се разгради. Ако сите фрлиме по едно си ја загрозуваме иднината, вели Киро Ангелевски, нуркач од клубот Врело.

Освен пластика и гуми, нуркачите од езерото денеска вадења и потонати чамци.