Македонија
27. January 2020 - 15:16

„Макканабис“: Измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции да се донесат што побрзо

Здружението на компании одгледувачи на медицински канабис „Макканабис“ на овој начин се обраќа до јавноста во врска со последната прес конференција на генералиот секретар на ВМРО-ДПМНЕ г-нот Игор Јанушев.

Очигледно е дека партијата која беше во извршната власт во 2016 година и која ги донесе измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции и со тоа ја отвори можноста за развој на индустријата со медицински канабис во нашата земја, сега во улога на партија во опоцизија води политичка битка која е на штета на компаниите кои одгледуваат медицински канабис, на штета на веќе околу 1000 вработени во овие компании и најважно на штета на сите македонски граѓани кои имаат нужна потреба од лековите кои се произведуваат во оваа индустрија принудувајќи ги истите да ги набавуваат или од странство по многу повисоки цени или од црниот пазар. Истовремено ВМРО ДПМНЕ го игнорира бенефитот од зголемувањето на државниот буџет и на економскиот раст на нашата земја, доколку се направат потребните измени во овој закон и доколку на нашите компании им се овозможи профитабилно да работат.

Ние како Здружение веќе подолг период наназад апелираме и укажуваме на проблемите со кои се соочуваме во нашето работење барајќи поддршка од релевантните институции во земјава. Наместо сериозен пристап кон овој проблем и поддршка на нашето работење се одолговлечува донесувањето на неопходните измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, а истовремено сме подложени на неосновани каритики и обвинувања.

На последната прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ беа изнесени повеќе неаргументирани изјави од страна на генералиот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, г-нот Игор Јанушев на кои ние како Здружение реагираме со ова обраќање. Меѓудругото, г-нот Игор Јанушев истакна дека Владата предводена од г-нот Зоран Заев издавала многу лиценци на компании, алудирајќи дека се тоа дозволи за работа стакнати без да бидат исполнети законските барања и дека во времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ биле издадени само 5 лиценци.

Како прво, со самото тоа што после отприлика една година од донесувањето на овој закон се случи и промената на властта во нашата држава, логично е дека за тој кус период се издадени помал број на дозволи за работа отколку во наредниот период, од 2017 година до денес. И второ, доколку постојат такви индиции дека некоја од нашите компании се има стекнато со дозвола за работа без да ги исполни законските барања, постојат механизми со кои може истото лесно да се провери. Затоа го повикуваме г-нот Јанушев јавно да каже кои се тие компании.

Исто така, на оваа прес конференција беше истакнато дека во времето на донесување на овој закон, односно во времето кога ВМРО ДПМНЕ беше на позиција постоеле високи и строги критериуми за добивање на лиценца, односно дозвола за работа, а со тоа се упатува дека сега, во времето на оваа Влада истите се добиваат со пониски критериуми. Го потсетуваме г-нот Јанушев дека законот е ист од 2016 година и дека критериумите за стекнување на дозвола за работа не се воопшто изменети. Лиценца добива само онаа компанија која ќе ги исполни барањата на тој закон и никако поинаку. Во истиот закон, кој беше изгласан акламативно во собранието во 2016 година никаде не стои дека бројот на лиценци треба да биде ограничен.

Би сакале да потенцираме дека сите членки на нашето Здружение се лиценцирани компании кои дозволите за работа ги имаат стекнато согласно строгите законски барања и не постои пример во нашето Здружение за било каков друг начин на добивање на дозвола за работа.

Уште еднаш укажуваме дека предложените измени на законот треба да се донесат час поскоро за да се отстрани опасноста од затварање на нашите компании, останување на улица и без работа на 1000 вработени лица и што е исто така есенцијално важно, а тоа е создавање на многу лоша слика за нашата држава во светот и кај странските инвеститори кои прво ги поттикнавме да инвестираат во оваа индустрија во нашата земја, а сега не им дозволуваме нормално да работат.

Како Здружение на компании одгледувачи на медицински канабис силно реагираме и на изјавите од страна на г-нот Јанушев и употребата на несоодветни изрази како: „канабис рекет машинерија“, „канабис – милионите на Заев“, „нарко-босови“ итн. бидејќи нашите компании се реномирани, најголем дел од нив се странски инвестиции, а пред сé треба да се има во предвид дека се работи за навистина сериозна тема и проблем со кој се соочуваме како држава. Поради тоа апелираме до сите политички партии, особено до ВМРО ДПМНЕ како сериозна опозициска партија својата политичката борба да ја водат со идеи и програми, со привлекување на странски инвестиции, а не со нивно одбивање на сметка на стекнување на политички поени и на штета на граѓаните на државата.

Со оглед на тоа што на прес конференцијата г-нот Јанушев истакна и дека СДСМ предлага измени на законот „по нивни терк“, апелираме да не се спречува донесувањето на измените и да се овозможи дебата во собранието каде што ќе може да се предложат амандмани од страна на сите пратеници. Токму тоа е начинот и местото каде треба да се водат дебатите за подобрување на законите во интерес на државата, а не само во интерес на поединци, како што вели г-нот Јанушев на прес конференцијата.

Ја користиме оваа прилика, г-нот Игор Јанушев или било кој претставник на ВМРО ДПМНЕ и друга политичка партија која смета дека предложените измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се штетни, несоодветни и креирани само за одредени целни групи, ги повикуваме на јавна дебата како би можела јавноста самата да оцени дали оваа индустрија е корисна за граѓаните на оваа земја, што добиваме и што губиме со предложените измени на законот, дали е ова навистина законот на Зоран Заев или е само лоша политичка игра за стекнување на поени кај помалку упатените во оваа област и на огромна штета на државата. На овој повик за јавна дебата очекуваме ВМРО ДПМНЕ да ни одговори до понеделник, 27 јануари 2020 година.

Доколку оваа дебата биде одбиена од страна на ВМРО ДПМНЕ тоа ќе биде јасен сигнал до јавноста дека се работи за манипулација на јавноста насочена единствено кон стекнување на стекнување на политички поени за претстојните парламентарни избори.