Македонија
12. January 2016 - 16:39

Македонското обвинителство официјално побара од Албанија да ги врати 20-те украдени бесценети икони

Македонското јавно обвинителство за гонење организиран криминал официјално побара од судот во Тирана враќање на 20 икони со непроценлива вредност, сопственост на Република Македонија, што беа откриени во акцијата ,,Икона‘‘.

Обвинителството го темели своето брарање врз основа на Европската конвенција за меѓусебна правна помош во кривична материја и Законот за меѓународна соработка во кривична материја на Република Македонија.

Во акцијата на албанската полиција во 2013 година се запленети илјадници икони и црковни предмети. На средба помеѓу албанската и македонската полиција е утврдено дека 20 од запленетите икони не потекнуваат од Република Албанија и дека постои можност истите да се одземени од цркви и манастири од западна Македонија, бидејќи криминалната група била активна и на територијата на нашата држава.

Потеклото на иконите подоцна беше потврдено и од македонски експерти и беше утврдено дека истите се оригинални. Понатамошното собирање на материјални докази утврди од кои цркви и манастири, во кој временски период и на кој начин иконите се противправно одземени и потоа илегално изнесени од Република Македонија.

Бесценетите иконите биле украдени од црквите во селата Радожда, Буринец и Селце, Струшко, како и во селата Ѓавато и Перово, Битолско. Две од иконите лично биле насликани од мајсторот Дичо Зограф, а по други три од 20-те, македонската полиција трагаше и преку Интерпол.

За обвинетите во акцијата ,,Икона‘‘ минатата есен беше донесена правосилна осудителна пресуда.

Инаку, во 2013-та при претресот на повеќе локации албанската полиција заплени повеќе од 1000 верски предмети и сакрални уметнички дела кои датираат од периодот на 15 до средината на 20 век, кои биле украдени од цркви и културни центри во Албанија и во Македонија. Иконите најверојатно требало да се продаваат во други балкански или западноевропски земји.