Loading Video...
Ракомет
27. September 2019 - 14:08

Македонските ракометарки утре (18 часот) ја пречекуваат Чешка, влезот за натпреварот слободен

Женската ракометна репрезентација на Македонија утре ја очекува вториот меч во квалификациите за ЕП 2020 година во Данска или Норвешка.
 
Нашите ракометарки, во Скопје, ја пречекуваат селекцијата на Чешка.
 
По убедливиот пораз на гостувањето во Шведска (26-35), но и триумфот на Чехинките над Португалија (31-20), утрешниот меч може да биде решавачки за двете репрезентации. 
 
Имајќи в предвид дека Шведска е апсолутен фаворит во петата група, а Португалија аутсајдер, тогаш Македонија и Чешка се репрезентациите кои ќе се борат за второто место. 
 
Иако на утрешниот меч гостинките ќе имаат блага улога на фаворитки, сепак избраничките на селекторот Симе Симески ќе дадат се од себе да ја остварат првата победа, со која ќе ги задржат шансите за втората позиција. 
 
Поддршката од трибините ќе биде многу потребна за нашите ракометарки па затоа Федерацијата реши влезот за мечот кој ќе се игра во СЦ "Борис Трајковски" со почеток од 18 часот да биде слободен.