Спорт плус
17. јуни 2016 - 9:41

Македонските одбојкари со пресврт до победа од 3:2 над Албанија

Одбојкарската репрезентација на Македонија синоќа во пет сета во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје успеа да ја победи Албанија со 3:2 (23:25; 25:23; 20:25; 25:18; 15:10) во сетови ,  откако противникот водеше со 1:0 и со 2:1 во сетови. Со оваа победа нашите одбојкари се практично пред пласман на завршниот турнир од Европската лига во Варна.
Дуелот со Албанија беше вториот од 1.коло од вториот турнир од групата А од Европската лига, а претходно во првиот натпревар Бугарија ја победи Данска со 3:1 во сетови и со тоа ги намали шансите на Данска да биде пласирана пред Македонија. Воедно тоа беше можност селекторот на Македонија Жарко Ристоски на дуелот со Албанија да испроба и други комбинации за дуелите што ќе претстојат. Тоа го искористи ривалот и со добра игра имаше водство во два наврати.
Сепак во последните два сета македонските одбојкари ја потврдија играта од првиот турнир од Варна и без проблеми стигнаа до победата. Во тој дел од играта најдобар на теренот беше нашиот капитен Никола Ѓоргиев, а во тимот се врати и Јовица Симовски.
Македонија е прва во групата со скор 4-0 (победи-порази), пред Бугарија која има скор 3-1, следи Данска со 1-3, а Албанија е последна со 0-4.
Денеска во СЦ „Борис Трајковски“ се играат дуелите од 2.коло: Бугарија – Албанија (почеток 17 часот) и Македонија – Данска (почеток 19:30 часот).