Loading Video...
Спорт плус
26. August 2019 - 10:05

Македонските одбојкари го загубија вториот меч против Шведска

Македонските одбојкари кои се подготвуваат за својот дебитантски настап на Европското првенство, го загубија вториот контролен меч против селекцијата на Швадска.
 
Откако во петокот ги совладаа со 3:2, македонските одбојкари во вториот меч загубија од „Викинзите“ со идентичен резултат, дуел на кој во нашата селекција не настапија капитенот Никола Ѓорѓиев и либерото Дарко Ангеловски.
 
Гостите во два наврати имаа предност добивајќи ги првиот и третиот сет со 25-21 и 25-20, а нашите одбојкари со иста мерка возвратија во вториот и четвртиот сет (25-20 и 25-21). 
 
Како и пред три дена така и овојпат решавачкиот трет сет донесе голема борба во која сега Швеѓаните беа оние кои на крајот се радуваа добивајќи го сетот со 15-13 за конечни 3:2.
 
Во продолжение на подготовките, одбојкарите ги очекува настапат и на турнирот „Бранко Хаџииљоски Чајка“ на кој во полуфиналето (30 август) ќе играат со Украина, а ден подоцна и во зависност од резултатите, со Белгија или Бугарија.
 
До стартот на ЕП и дуелот против Финска, нашите одбојкари завршната форма ќе ја подигаат во двомеч со Австрија во Сент Полтен.
 
Македонската репрезентација на ЕП 2019 ќе игра во групата Ц во Љубљана (арена „Стожице“) против Финска (12 септември, 17.30 ч.), против Турција (13 септември, 17.30 ч.), против Русија (14 септември, 17.30 ч.), против Белорусија (16 септември, 20.30 ч.) и против Словенија (17 септември, 17.30 ч.).