Македонија
6. March 2017 - 11:33

Македонските културни здруженија од Словенија повикаа да се зачува унитарноста на земјата

Сојузот на македонските културни друштва во Република Словенија го повика претседателот Иванов, сите партии и политички фактори да дејствуваат за да се зачува унитарноста на Македонија.

- Во име на Сојузот на македонските културни друштва во Република Словенија, како заедница на граѓаните на Република Македонија кои живеат во Словенија, изразуваме сериозна загриженост за последните случувања во нашата татковина. Затоа овој апел, кој е вонпартиски, а пред се и над се патриотски, го упатуваме до граѓаните, институциите, Претседателот на Република Македонија, сите политички партии во Република Македонија и сите медиуми, со една и единствена цел, а тоа е да сторат се што е во нивна моќ да се зачува унитарноста, целовитоста и Уставот на нашата татковина Република Македонија, стои во писмото.

Здруженијата на македонците од Словенија се осврнуваат и на значењето на јазикот, културата и другите обележја на македонската држава.

- За крај, со сета почит кон останатите етнички заедници во Република Македонија, сакаме да истакнеме дека Република Македонија е единствената признаена држава на Македонците, македонскиот јазик, култура и другите обележја, кои во ниту еден момент не смеат да бидат загрозени, пишува во отвореното писмо упатено од Сојузот на македонските културни друштва во Словенија потпишано од претседателот на Сојузот Благоја Настески.