Loading Video...
Кошарка
24. February 2020 - 16:38

Македонските кошаркари по потешкиот пат кон целта - Еуробаскет 2021

Со два порази македонските кошаркари го завршија првиот круг од квалификациите за ЕП 2021 година, но шансите за учество на шампионатот сеуште не се загубени
 
Македонија од 2015-тата е без настап на континенталното првенство. Еден шампионат пропуштивме, па шансата за враќање на старата слава македонските кошаркари ќе ја бараат за ЕП во 2021 година. 
 
Но, работине не тргнаа според посакуваното. Напротив. Поразот во првиот натпревар и тоа на домашен терен од Естонија никој не го посакување, се разбира најмалку играчите, но слабото издание во првиот дел беше и пред се лошата игра во одбраната беше и главната причина за поразот. 
 
Селекторот Алаксандар Тодоров и по мечот со Русија ќе истакне дека не сме биле на посакуваното ниво кога во прашање се тројките, односно, против Русите ни фалеле уште две-три тројки за поинаку да го завршиме дуелот. 
 
Да, Македонија од секогаш зависела од прецизноста кога во прашање се ударите за три поени, но и играта во одбраната, но во двата случаи противниците успеваа да ја мина границата над 75 поени. 
 
За разлика од мечот во Скопје, на оној во Перм, жолто-црвените уште од самиот почеток играа далеку поангажирано, па затоа речиси до самиот крај беа во игра за победа. 
 
За ангажираноста овојпат највисока оценка. Анализа ќе треба да направи стручниот штаб и веќе во ноември ќе мора да се остварат победи и тоа на гостувањата кај Италија и Естонија. 
 
„Азурите“ кои како ко-домаќини на првенството го имаат осигурано својот пласман на шампионатот, остварија две победи, а нам особено во прилог ни оди вчерашната над Естонија. 
 
Така вториот квалификациски „прозорец“ Италијанците ќе го дочекаат како лидери на табелата со две победи, а Русија и Естонија ќе бидат зад нив со половичен ефект (по една победа и пораз), додека ние ќе стартуваме со негатива, односно два порази, ситуација што претпоставува дека Македонија ќе нема право на грешка, особено на гостувањето кај Естонија, доколку нашите кошаркари сакаат да ги сочуваат шансите за пласман на шампионатот.