Бизнис
15. January 2019 - 19:39

Македонските компании се "офајдија" oд трговската војна меѓу Косово и Србија

Македонските фирми се „офајдија“ од трговската војна меѓу Косово и Србија. Но, стопанствениците велат дека мора да се работи за овој тренд на економска соработка меѓу двете земји да продолжи и во иднина.

-Ние како држава треба што побрзо да ги решаваме инфраструктурните прашања кон Република Косово, а со цел да имаме олеснување на проток на стоки и услуги и луѓе кон Косово. Но, и кон сите други држави, вели извршниот директор на Комората на Северозападна Македонија, Дрилон Исени.

Според податоците на Северозападната комора, најголем извоз е забележан кај земјоделските производи и градежните материјали. Сепак, земјоделците велат дека Македонија не ја искористила во целост трговската војна. И иако има раздвижување во продажбата на земјоделските производи, тој за нив е недоволен.

-Можеше годинава да се почувствува само во делот на кромидот, односно производството на кромид и производството на компир. Додека кај сите останати земјоделски производители, да, има некое раздвижување. Меѓутоа, тоа раздвижување е толку минимално што не можеме да го почувствуваме ние како производител, вели Менде Ивановски од Ресен во телефонска изјава.

Ставот на Економија е јасен. Бенефитот е краткорочен, а македонските фирми мора да работат на подобрување на капацитетите за трајно да се пробијат на регионалниот и европскиот пазар.

Косово во ноември минатата година воведе такса од 100 проценти за српските производи. Тамошните власти очекуваат со ова да се зголеми локалната продукција и вработеноста. Трговската војна меѓу двете земји во декември го зголеми извозот за 41 отсто во споредба со истиот месец во 2017. година.