Македонските граѓани затекнати на Косово се враќаат дома, институциите уверуваат дека безбедносната состојба е стабилна
Македонските државјани во Косово безбедно со придружба од косовската полиција се упатени кон дома. МНР информира дека во моментот биле во непосредна близина каде се случил вооружениот напад. Околностите во кои тие се најдоа беа сложени имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина од каде се случи вооружениот напад врз полицијата. Низ целиот процес, косовските служби ја гарантираа безбедноста на нашите државјани, а нашата амбасада во Приштина беше во постојан контакт со нив.
Стабилна е безбедносната состојба во државата уверува премиерот Ковачевски, по случувањата во Косово. Тој силно ги осудува синоќешните настани и дава поддршка на КФОР за сите активности кои ќе обезбедат стабилност и мир во Косово и регионот. Премиерот апелира на деескалација и продолжување на дијалогот за да се постигне решение на мирен и демократски начин.
- Во однос на безбедносната состојба во државата, граѓаните може да се спокојни - таа е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања. Сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат состојбата. Воедно согласно информациите споделени помеѓу безбедносно разузнавачките служби во земјата како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Северна Македонија.
Нападот во Косово е сериозна провокација и може да има регионални последици, предупредува лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Ова е напад врз мирот, стабилноста и безбедноста на целиот регион пишува Ахмети. Тој смета дека се работи за смислена провокација со однапред одредена агенда и порача дека е потребно да се постапува со ладнокрвност и мудрост.
„Овие случувања се неприфатливи и координацијата и соработката со меѓународната заедница, гарантирајќи го мирот и независноста во Косово, се неопходни и итни. Потребна е итна акција за гаснење на малигниот пожар, кој има цел проширување и вклучување на регионот.
Изразувам искрено сочувство до семејството на жртвата и брзо закрепнување на повредените“ - пишува Ахмети.
Во текот на ноќта на плоштадот Скендербег во Скопје, десетина лица подигнаа транспарент на кој пишува ,,Две глави има орелот, а една е во Митровица''. Фотографијата беше споделена на социјалните мрежи, но до овој момент нема официјална информација кој стои зад оваа порака.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар