Македонија
2. February 2023 - 16:42

Македонските граѓани со најмногу неработни денови на Балканот, работодавачите бараат промени во листата

Македонија лидер во регионот по бројот на неработни денови годишно.

Според истражувањето на ТРТ Балкан, земјава има вкупно 28 денови кои не се работат поради државни и верски празници, но и национални денови на етничките заедници. Веднаш зад нас се Црна Гора и Косово со по 21 ден, а најмалку неработни денови има единствената земја членка на ЕУ во регионот, Хрватска, само 11.

Работодавачите велат дека се оштетени од големиот број неработни денови и сметаат дека нивниот број треба да се намали.

„Oвој број на неработни денови и празници треба да се скрати, особено околу верските празници, а може да се скрати ден-два и од државните празници. Имаме ние верски празници кои имаат третман на државни, па ако се паднат во недела се дава и понеделник како неработен, такви се Божиќ, Велигден...Кога ќе се соберат деновите од одмор и државните празници излегува дека работниците два месеца воопшто не идат на работа, а за сето тоа ние мораме да обезбедиме пари“, вели Ангел Димитров, организација на работодавачи.

Од Министерството за труд и социјала, пак, за Сител велат дека работодавачите можат да достават иницијатива до МТСП, како министерство предлагач на законот. Министерството земајќи ги предвид потешкотиите со кои се соочува бизнис секторот со големиот број на неработни денови и со цел да излезе во пресрет на работодавачите може да достави предлог до Владата на РСМ, која ја дава конечната одлука по ова прашање.

Од друга страна, ССМ вели бројот на празници можеби е поголем, но треба да се има предвид дека сите празници не се однесуваат на сите граѓани.

„Работодавачите доколку се противат, на тој начин сакаат да им го одземат и она малку достоинство кои им е преостанато на работниците и граѓаните особено ако знаеме во какви услови работат работниците, за какви плати и ако знаеме дека голем дел од работодавачите не ја исплаќаат во целост ниту празничната дневница која е вкупно 250% за работа на неработен ден или празник!“, велат од ССМ.