Фудбал
3. September 2017 - 19:48

Македонските фудбалери со победа се вратија од Израел

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски по победата над Израел во квалификациите за СП 2018 година, не го криеше задоволството од остварената победа, потенцирајќи дека треба да бидеме горди на играчите кои го остварија тоа.

- Оваа победа доаѓа во многу важен момент. Големо задоволство ми е што со три бода се враќаме во Скопје. Конечно фудбалерите добија награда за прикажаното. Не треба да се залетуваме, ова е само почеток на оваа генерација. Доминиравме, создадовме повеќе шанси од противникот и целосно заслуживме триумф. Ова е млада селекција, не може да нема грешки, но верувам во оваа селекција. Капитенот Пандев денеска ја поведе репрезентација и покажа дека е лидер на националниот тим. Десет години не сме победиле тим кој е меѓу 50 на ФИФА листата и треба да бидеме задоволни, изјави на прес-конференцијата по мечот во Хаифа, селекторот Ангеловски.

Македонската репрезентација денеска се враќа во Скопје, од каде веднаш ќе замине за Струмица на подготовки за натпреварот против Албанија закажан за во вторник.