Македонија
16. February 2020 - 16:40

Македонските државјани заразени со корона вирус во стабилна здравствена состојба

Стабилна е здравствената состојба на двајцата македонски државјани заразени со Коронавирус. Нашинците кои се хоспитализирани во болници во Јапонија и Франција имаат поблага форма на вирусот со полесна клиничка слика и не се очекуваат сериозни ризици, тврдат здравствените власти.

Во меѓувреме се зголемува бројот на новозаболени на крузерот закотвен во пристаништето кај Јокохама на кој во карантин се уште двајца Македонци. Според последните бројки досега на бродот има 355 заразени од 3700 патници и вработени.

Иако последните 24 часа има околу 2000 нови случаи со Ковид – 19, а 142  лица починале,  Националната здравствена комисија на Кина уверува дека бројот на новозаболени од дена на ден се намалува. Досега вирусот е потврден кај над 68.500 луѓе, а битката ја загубиле 1665 луѓе. Прв смртен случај пријави и Тајван.

Директорот на СЗО изјави дека невозможно е да се предвиди каде се може да се рашири коронавирусот.

-Епидемијата на коронавирусот е приоритет за Кина, но невозможно е да се предвиди каде ќе се шири вирусот, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус, на конференцијата за безбедност во Минхен.

Инаку коронавирусот предизвикува смрт кај 2 проценти од заболените. Најчесто страдаат повозрасните, хронично болни и лицата со намален имунитет. Според епидемиолозите вирусот се шири многу побрзо од останатите респираторни заболувања карактеристични за овој век.