Бизнис
22. January 2016 - 13:15

Македонските аеродроми уриваат рекорди

Македонските аеродроми уриваат рекорди. За 22 проценти е зголемен бројот на превезените патници во 2015-та, во однос на претходната 2014-та година.Изминатата година над 1.560.000 патници ги користеле услугите на македонските аеродроми. За 11 проценти, пак, е зголемен и бројот на воздухопловни операции,пишува Лидер.

Новите дестинации и евтините авиобилети го вратија интересот за летање, што се гледа и од статистиката. Ако порано македонските аеродроми оперираа со бројка на превезени патници од околу 600 илјади, сега сликата е комплетно променета. Во 2013-та за првпат е натфрлен милионот и оттогаш има постојат раст, па оттука и се и очекувањата дека во претстојните години ќе се надмине бројката од 2 милиона.

Македонските граѓани сега полесно се поврзани со европските метрополи. Се зголемува бројот на дестинации до кои може да се стаса од земјава. На редот на летање се ставени: Барселона, Базел, Белград, Брисел, Келн, Дортмунд, Дубаи, Дизелдорф, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Женева, Гетеборг, Хамбург, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Рим, Стокхолм, Венеција, Виена, Загреб, Цирих, Сплит. Од мај годинава, повторно ќе биде воспоставен и директниот лет Скопје- Прага.

Со новите линии од скопскиот аеродром ќе се оперира до вкупно 34 дестинации

Како што пишува Лидер, ако во 2005-та година се летало само кон 15 дестинации, годинава ќе се оперира кон 34. Споредено со пред 10 години, бројот на патници е тројно зголемен, од 500 илјади на 1,5 милион.

„Работите одат во добар правец и не е случајно што минатата година се превезени најголем број патници од македонските аеродроми, над 1,5 милион патници, што претставува историски рекорд за Република Македонија. За тоа придонесе и бројот на летови и бројот на туристи, но и ниските цени на летовите коишто ги обезбедивме со нискобуџетните авиокомпании“, вели претседателот на владејачката партија, Никола Груевски.

„Нашата упорност резултираше со нови 20-ина линии до европските дестинации со многу поволни цени и достапност на билетите. Од напролет, освен кон Прага, ќе бидат воведени уште три нови линии“, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мiсајловски.

„Меѓу првите дестинации се Истанбул, Малме, Базел, Цирих, исто така многу атрактивна дестинација е Барселона, пред сè како резултат на евтините билети. Многу користена е и интерконтиненталната линија кон Дубаи“, вели првиот човек на ТАВ Македонија.

Најголем удел во превозот на патници има унгарската „Виз ер“, па следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Пегасус ерлајнс“, „Ер Србија“ и „Еделвејс“.

Од унгарската „Виз ер“ велат дека 2015-та била рекордна година. Од скопскиот и од охридскиот аеродром имаат вкупно 25 рути кон 23 дестинации. Лани со овој авиопревозник биле превезени 794.946 патници, што претставува раст од 37 проценти во однос на претходната година.Од јуни, македонската метропола воздушно ќе се поврзе и со Братислава, Копенхаген и Берлин. Со новите линии, надлежните очекуваат зголемување на приливот на туристи, продлабочување на бизнис конекциите, но и раст на карго превозот, пишува Лидер.

„Авиолинијата Скопје- Прага беше успешна и по тоа што претставуваше еден транзитен центар помеѓу Скопје и многу други европски градови, вклучувајќи ја и Русија. Очекуваме да се зголеми и карго сообраќајот“, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Најфрекфентна дестинација- Истанбул

Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека најфрекфентни дестинации се Истанбул, Цирих, Виена, Малме, Базел и Лондон. Сè повеќе се зголемува интересот и за новите дестинации од Скопје како Женева, Фридрихшафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нирнбег, како и две од Охрид- до Лондон и до Базел.