Македонија
6. December 2018 - 16:34

Македонскиот пасош 36. во светот по вредност – слободно може да се влезе во 77 земји

Со македонски пасош слободно може да се влезе во 77 земји, за 41 земја визата се издава веднаш при влегувањето, додека виза за патување е потребна во 80 земји. Ова ја става македонската патна исправа на 36-то место на листата земји чии пасоши овозможуваат најлесно патување, според рангирањето што го направи интернет страницата Паспорт индекс за 2018 година.

Во однос на лани, Македонците можат да патуваат без виза во дополнителни три земји. Тоа го подобри рангот на македонскиот пасош, кој минатата година беше на 41-то место на листата на исправи со кои најлесно се патува.

Вака изгледа највредниот пасош во светот. Му припаѓа на Обединетите Арапски Емирати, а оние кои го поседуваат можат слободно без виза да патуваат во 113 земји.

Од земјите од регионот, пасош со кој најлесно се патува има Грција која е на петтото место, Словенија е на седмо, Бугарија на 10-то, Хрватска на 11-то место, а по неа е Србија на 31-то место.

Послаб пасош од Македонија имаат Црна Гора која е на 38-то место, Босна и Херцеговина на 40-то, Албанија на 43-то, а најслабо рангирано е Косово на 81-то место.