Македонија
29. September 2018 - 9:57

Македонскиот народен театар ја почнува новата сезона

Македонскиот народен театар вечер ќе ја почне новата сезона 2018/2019 со премиера на комично-тажната приказна „Еден месец на село“ - меѓу најдобрите дела во опусот на Иван Сергеевич Тургењев, кое првпат се поставува во македонски театар, а е во режија на Паоло Маџели. 

Таа е меѓу првите реалистични драми што историјата на литературата ги класифицира  во модерен реализам, пред сè поради поместениот фокус на нејзиниот интерес, нарушените односи и дејства, изневерените мотиви, тишината на местото на говорот, но и стихијата на јазикот, привременоста на збиднувањето, заводливоста на паралелните приказни, потиснатите копнежи и прокоцканите шанси. 

Драмата, првпат поставена во 1872, раскажува за Наталија, жена на богат земјопоседник, и младата Верочка, кои се вљубуваат во учителот на синот на Наталија. Низ драмата провејува темата за љубовта и нејзините идеали, стремежот за среќа и возбудувања, но и прашањето на кое човекот понекогаш бара одговор – зошто човековата природа е таква што не може вљубеноста и среќата да ги задржи долго во себе.

Ликот на богатиот земјопоседник Аркадиј Сергеич Ислаев ќе го игра Ѓорѓи Јолевски, кој на прес-конференција по повод премиерата рече дека е исклучително комплициран и за него бил голем предизвик да го работи затоа што преминува од комично во трагично, од сцена во сцена целосно се менува.

- Доживува големи трансформации очекувајќи да ја задржи големата љубов кон својата сопруга од пресијата на неговата конвенционална, традиционална и деспотска мајка, раскинат во тоа двојство на исклучително силни и моќни жени и неговата љубов кон пријателот Ракитин, истакна Јолевски. Подготвувајќи се за улогата, рече, и покрај големото актерско искуство, повторно бил ученик и се навратил на методите на Станиславски, а поддршка му биле и се уште необјавените театарски белешки на Владо Цветановски. 

Покрај него, во актерската екипа се и: Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Катерина Коцевска (која го направи преводот на текстот), Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска.

Режисерот Маџели рече дека значењето на „Еден месец на село“ е во тоа што, заедно со „Војцех“ на Георг Бихнер, е дело што и става крај на романтичарско-натуралистичката визија на светот во литературата и ги поставува темелите на она што денес го препознаваме како експресионизам. Затоа, рече Маџели, тоа се смета за капитално дело на 19 век.

- Драматургијата следи една аритмија во дејството и таа е шизофрено организирана, но на еден убав начин, а тоа да се работи не е едноставно, истакна Маџели во врска со сложената драмска структура на претставата во која има интервенции и од драматургот Жељка Удовичиќ. 

За авторот Тургењев, пак, Маџели рече дека се смета за еден од најголемите руски интелектуалци, често нарекуван и „револуционер со перо в рака“, прв руски писател преведен на Запад во огромен тираж. Она што со што го привлекол вниманието е „Приказна на еден ловец“ во кое го демаскирал руското општество, а тоа го „платил“ со домашен притвор од една година.

Токму на тоа мирно место, на еден имот, Тургењев ја напишал „Еден месец на село“. Премиерата се совпаѓа и со одбележувањето 200 години од неговото раѓање на 9 ноември. Сценограф на претставата е Лоренцо Банчи, костимограф - Мануела Паладин. Музиката е на композиторот Љупчо Константинов. Таа се изведува во живо и повеќето актери свират на некој инструмент.