Македонија
8. March 2017 - 8:22

Македонскиот накит низ вековите на изложба во Археолошкиот музеј

По повод Меѓународниот ден на жената,  Археолошкиот музеј на Македонија денеска ќе ја отвори за јавност изложбата „Накитот низ вековите од Република Македонија“, која досега беше претставена во Софија и во Њујорк.

- Во 2015 во Бугарија и во 2016 во САД, изложбата привлече големо внимание и интерес во земјава и странство. Со цел да излеземе во пресрет на македонската јавност, таа ќе може да се види и во Скопје, соопшти Археолошкиот музеј. 

На изложбата ќе бидат презентирани 68 копии од експонати кои претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет, уметничките тенденции и иновативниот дух на луѓето кои егзистирале на оваа територија од времето на праисторијата до крајот на  20 век или речиси девет илјади години континуитет.

Ќе бидат презентирани и неколку копии на тоалетни сетови за етерични масла, шминка и кутии за накит, а идејната концепција ќе ја надополнат и адекватно одбраните теракотни антропоморфни фигурини на кои изворно се претставени  украсни елементи.

Експонатите ќе бидат изложени во пет витрини. Изложбата дополнително ќе биде збогатена со илустративно-едукативен материјал - банери, постери, видеопроекции, легенди и каталог.