Македонија
23. November 2021 - 17:10

Македонскиот државен врв, европските и лидерите од регионот изразуваат сочуство

Македонскиот државен врв, европските и лидерите од регионот изразуваат сочуство за изгубените животи во автобуската несреќа.

- Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи. Очекувам надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која не се памети во нашата понова историја. Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените, напиша шефот на државата Пендаровски.

Телеграма во име на сите пратеници испрати и спикерот Џафери

- Длабоко сум трогнат од ужасната вест за неповратно изгубените човечки животи на наши сограѓани во автобуската несреќа во Бугарија. Тагата, горчината и беспомошноста се чувствува во сечиј поглед, во сечија душа и ум, напиша Џафери.

- Нема зборови што може да ја искажат тагата во вакви моменти. Сочувство до семејствата на загинатите. Ова е голема трагедија за Македонија, напиша и опозицискиот лидер Мицкоски на социјалните мрежи.

Телеграми пристигнаа и од САД и Европската Унија.

- Од име на Американската амбасада, сакам да изразам најдлабоко сочувство на семејствата кои ги загубија своите најмили, и нашата поддршка за повредените, како и за оние на кои срцата им се скршија кога слушнаа за оваа трагична сообраќајна несреќа. Нашите мисли се со Вас во овие тешки времиња, напиша амбасадорката Брнз на Твитер.

Од име на Европската Унија, сочуство изрази и еврокомесарот Вархеји.

- Ужасни вести за трагичната автобуска несреќа во Бугарија рано утрината. Моите мисли и сочувство се со семејствата и пријателите на загинатите како и со луѓето и властите на Македонија. Им посакувам брзо заздравување на повредените“, напиша Оливер Вархеји на Твитер.

Покрај бугарските власти, сочуство изразуваат и лидерите од регионот.

Поддршка и помош понудија и албанскиот премиер Рама и српскиот претседател Вучиќ.

За несреќата утрово без исклучок информации пренесуваат сите светски и регионални медиуми.