Македонија
16. January 2018 - 13:01

Македонски стоматолог направил тешка измама - буџетот оштетен за 1.815.000 денари

Полициската станица Виница поднесе кривична пријава против М.П.(48) од Виница, вработен во Јавна здравствена установа “Здравствен дом“ во Виница на работно место доктор по стоматологија, поради постоење основи на сомнение дека сторил две кривични дела „несовесно работење во службата“  и „злоупотреба на службената положба и овластување“. На 23.02.2017 година, пријавениот во својство на тогашен директор на Јавна здравствена установа “Здравствен дом“ во Виница, донел Одлука за распишување на Оглас за јавна набавка на 350 метри кубни огревно дрво за потребите на установата, по што со правно лице од Куманово склучил договор за јавна набавка. Предвидената количина на огревно дрво кумановската фирма ја испорачала и доставила до Јавната здравствена установа Здравствен дом Виница со фактура од вкупен износ 1.296.820 денари. На 03.11.2017 и 06.11.2017 година од страна на државниот инспектор за шумарство во содејство со полициски службеници  извршени се два инспекциски надзори во Јавната здравствена установа “Здравствен дом“ во Виница, по што било констатирано  дека од страна на правното лице од Куманово биле испорачани 229 метри кубни односно 121 метри кубни помалку од договореното. Иако согласно одредбите во склучениот договор пријавениот бил должен да ја следи реализацијата на договорот и да реагира кон добавувачот, за да ги отстрани видливите недостатоци на испорачана стока и да ги отстрани истите, тој тоа не го сторил со што директно му овозможил на добавувачот да се стекне со имотна корист од 447.662 денари, на штета на буџетот на јавната здравствена установа “Здравствен дом“ во Виница. Пријавениот ја злоупотребил службената положба и овластување, на начин што склучил договори за закуп и за уредување на меѓусебните односи со приватните здравствени установи, при што иако бил должен на приватните здравствени установи кои што имале склучено договори за закуп и за уредување на меѓусебните односи да им ја зголеми цената, тој тоа не го сторил со што го оштетил буџетот на Јавната здравствена установа „Здравствен дом“-Виница, а со тоа и на Република Македонија за 1.815.000 денари.