„Македонски малеења - предавства и убиства“ - книга на Михаил Белдедовски
Во издание на „Бата прес“ излезе од печат делото „Македонски малеења – предавства и убиства“ од новинарот и публицист Михаил Белдедовски. Станува збор за втор дел од оваа литературно историско и публицистичко дело за периодот од 1915 до 1944 година, во Малешевијата, но и пошироко во вардарскиот и пиринскиот дел на Македонија.
Првата книга под наслов „Малешевски малеења“, објавена 1999 година („Студентски збор“) е романизирана повест од нашата национална историја, од времето на Разловечкото востание до крајот на Балканските војни.
Како што бележи рецензентот, проф. д-р Стојан Киселиновски, „...авторот успева низ литературен пристап, преку судбината на личности, главно од Малешевскиот крај, да ја објективизира историската реалност. Всушност, преку личностите во книгата тој ни ги претставува просторот, времето и судбината на Македонија во дадениот период...“
„Македонската судбина не би била таква ако и во редовите на ВМРО не се појавиле разни идејни и политички тенденции и разни групи, струи и фракции (автономисти, федералисти, михајловисти и други). Делбите биле длабоки и непомирливи. Тие се претвориле во идејни и политички судири и во секојдневни оружени напади и убиства. Притоа страдале македонските револуционери од левицата до десницата (комунисти, федералисти, протоѓеровисти, автономисти, михајловисти и други). Страдале и едните и другите, се напаѓале и убивале. Меѓутоа, страдал и народот, невините луѓе“, пишува Киселиновски.
Историчарот проф. д-р Никола Жежов, во својата рецензија бележи дека „Книгата Македонски малеења претставува извонредно стилизиран историски роман, пишуван врз основа на релевантни историски извори и мемоарска литература...“
„Пред очите на читателот во низа се редат ликовите на многубројни знајни и незнајни македонски револуционери од Малешевијата – членови на ВМРО, но и ликовите на Тодор Александров, Александар Протогеров, Иван Михајлов и другите водечки личности на Организацијата во периодот од 1918 до 1934 година. Авторот храбро се впушта во објаснување и толкување на настаните во ВМРО во наведениот период, при што секогаш се повикува на релевантните историски извори, со што на книгата и дава уште поголема вредност и научна тежина. Во книгата ни се дадени објаснувања и за многу сегменти од историјата на секојдневниот живот во Малешевијата, што предизвикува уште поголема динамика на композицијата и читливост на текстот...“, пишува Жежов.
Авторот на книгата Михаил Белдедовски е роден 1944 година во Берово, дипломирал социологија на Филозофскиот факултет во Белград и е еден од основачите на Третата програма на македонското радио, Радио Скопје. Бил и новинар и уредник во оваа програма
Со публицистичка дејност почнал во седумдесеттите години на минатиот век, со статии во тогашните дневни и периодични весници и списанија и го уредувал списанието „Трета програма“. Ги објавил публицистичките дела „Радио парламент“ (1991), а во 2003 година ги приреди сеќавањата на Михајло Апостолски. Објавува публицистички трудови за македонската музика, а самиот е автор на текстот за неколку многу познати македонски народни песни.
Ново на Сител
-
Во март зголемени потрошувачките, станбените, автомобилските и кредитите на тековните сметки
-
Приведен 20-годишник кој бил баран со потерница поради бегство од Затворот Гевгелија
-
Боки 13 бара повторено судење за „Рекет“ - има докази со кои ќе покаже каде завршиле парите од чантата Луј Витон
-
Советот НАТО-Украина ќе одржи вонреден состанок за противвоздушната одбрана на Киев
-
Спречен нов атентат врз Зеленски, уапсен Полјак кој соработувал со Русите
-
Бојмацалиев: Една година ФРОНТЕКС - прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ
-
Избрани 12 поротници за судењето против Трамп
-
Директорот на ЦИА предупредува дека Украина би можела да ја изгуби војната до крајот на годинава ако Конгресот не ја одобри помошта за неа