Македонски компании на 5. Меѓународен саем за храна во Атина
Меѓу изложувачите од 20 земји и домаќинот Грција, две македонски компании учествуваат на 5. Меѓународен саем за храна и пијалаци што викендов се одржува во Атина. Саемот има цел компаниите да се промовираат, да ги претстават нивните производи, за евентуално да склучат и конкретен договор за соработка.
Дописникот на МИА од Атина го посети саемот и штандовите на македонските компании. Фабриката „Ларс“ – „Перустија“ од Штип, првпат учествува на овој саем, „Аграр Ко“ од Кочани веќе има искуство како излагач во Атина, а и едните и другите се задоволни од посетеноста во текот на првиот ден.
- Првичните впечатоци, како за прв ден се добри. Има посетеност, интересен е, компактен е што не е својствено за ваков тип на големи саеми, може да се разгледа сѐ и мислам дека секој најде време да помине на сите штандови, без да мора да се најавува, вели Софија Митевска од фабриката „Ларс“– „Перустија“ во разговор за МИА.
Митевска додава дека ова е добра можност да се претстават нивните производи, посетителите да ги пробаат, па во иднина да се отвори можност за соработка, со оглед на тоа дека, за сега, тие немаат соработка со Грција. Акцентот го ставаат на премиум производите како што се ајварите, природните сокови, салцата, џемовите без шеќер.
- Немаме извоз во Грција. Затоа сме дојдени тука, да ги дегустираат нашите производи. Најбитно ни е да го пробаат нашиот премиум бренд којшто е интересен, под наша приватна марка е, тоа е брендот Перусија, така што мислам дека ќе има интерес. Нема одбивност, многу е пријатно, многу е убаво, ние бевме спремни на полошо со тоа што пред да дојдеме имаше во Атина неубави работи, но супер е, објаснува Митевска, референт за продажба во фабриката „Ларс“.
Компанијата „Аграр Ко“ од Кочани веќе има искуство - и на саемот, но и во соработка со Грција.
- Првиот пат бевме посетители, втората година излагавме и ова е сега трета година, но втора како излагачи. Саемот е доста посетен, има и од други држави, не е само за грчкиот пазар. Задоволни сме од посетеноста, од интересот за производите. Ние веќе работиме во Грција како пазар, производите се препознатливи по квалитетот, имаме успешна соработка, имаме доста грчки клиенти, голем дел од нив преработувачи, вели за МИА Јасна Стојмировска-Величков, основач на „Аграр Ко“ од Кочани, компанија специјализирана за зеленчук и фиферончиња.
Компанија веќе подолго време го снабдува грчкиот пазар со македонски производи.
- Ние, всушност, произведуваме суровина во буре, произведуваме лименка што е полуготов производ и, исто така, и готов производ, присутни сме на три пазари, во три индустрии. Задоволни сме. Од тоа што го увезуваат Грците од нас, тие произведуваат и го пласираат на странските пазари како реизвоз, а исто така голем дел оди и како класичен реизвоз, објаснува Стојмировска-Величков.
Посетителите, коишто се претставници на компании, имаат можност да ги дегустираат и да се запознаат со традиционалните македонски производи пласирани од двете компании. Ајвар, корнишони, џемови, сокови, чери пеперс односно фиферончиња се дел од производите што македонските излагачи им ги нудат на потенцијалните соработници. Сепак, најпримамлив е македонскиот ајвар.
- Многу им е интересно затоа што не знаат што е ајвар, но со дегустациите, сите го пробуваат и се доста задоволни, коментира Митевска од фабриката „Ларс“.
И двете македонски компании во текот на тридневниот саем во Атина, ќе одржат Б2Б состаноци за евентуални нови соработки.
Меѓународниот саем за храна и пијалаци се одржува петти пат, од 10-ти до 12 март и е еден од најголемите во Југоисточна Европа. Учествуваат 1 300 грчки и странски излагачи на простор од 55 000 метри квадратни. Освен Македонија и домаќинот Грција, на саемот има компании од вкупно 20 земји, мешу кои Австрија, Белгија, Германија, Италија, Холандија, Полска, Турција, Индија, Египет, Шпанија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Израел, Романија..., а Бугарија и почесна земја учесник.
Очекувањата се дека ќе има околу 70 000 посетители од грчки и од странски компании.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Ненад Марковиќ
-
Советниците на средба со превозниците во Град Скопје
-
Уставни измени
-
Преглед на вестите од светот
-
Редовна седница за пратенички прашања
-
Шилегов со ,,Во бестрага'', ВМРО-ДПМНЕ со критики: СДСМ доби ново раководство
-
Сиљановска во официјална посета на Црна Гора
-
Судски совет предлага продолжување на мандатот на Весна Дамева