Македонија
28. July 2016 - 10:55

Македонски фолклор на фестивал во Босна

Членовите на Фолклорниот ансамбл „Кочани“ од Кочани од 21 до 27 јули учествуваа на четвртиот меѓународен фолклорен фестивал во Бихач, Босна и Херцеговина, на кој ги презентираа македонскиот фолклор и песнопојната и музичка традиција  на меѓународен план.

- Во Бихач настапивме на меѓународниот фолклорен фестивал „Брековица 2016“ заедно со десетина ансамбли од Хрватска и Босна и Херцеговина. Одржавме четири концерти по два во Босанска Крупа и во Бихач, а настапивме и на завршната вечер на фестивалот во Брековица, близу Бихач. Настапивме со сплетот македонски ора и песни - Водарки, Цвеќеберачка, Источна и Малешевка, а за прв пат пред публиката во Босна го изведовме сплетот Лазаренки со нова носија и кореографија, изјави Тони Манасиев, секретар на ФА„Кочани“.

Гостувањето во Босна и Херцеговина е во рамките на воспоставената соработка помеѓу Културно-уметничките друштва од Кочани и Бихач. 

Манасиев најави дека фолклористите од Босна во Кочани ќе гостуваат во месец октомври во рамките на „Деновите на кочанскиот ориз“.

За време на престојот во Босна и Херцеговина, кочанските фолклористи ги посетиле Плитвичките езера, националниот парк „Уна“, како и повеќе знаменитости во оваа држава.