Македонија
28. August 2017 - 13:02

Македонски филмови на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси

Во францускиот град Наси во тек е 23-то издание на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси (ФИФН) , на кој во натпреварувачкиот дел се наоѓаат два филма на македонски режисери и една копрудикција, јавува дописникот на МИА.

Публиката на ФИФН е навикната да гледа македонски филмски продукции, кои се редовно застапени на големиот екран. Изминатата година тука беше претставен филмот „До балчак“ и „Џипси Меџик“ на Столе Попов, а беа прикажувани и филмовите „Пред дождот“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, „Панкот не е мртов“, „Лазар“...

Филмовите „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски и „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ се селектирани во официјалната натпреварувачка програма на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, Франција, а копрудукцијата меѓу Бугарија, Германија и Македонија „Посоки“ на Стефан Командарев ќе биде прикажан во ревијалниот дел на фестивалот, меѓу премиерите по фестивалот од Кан.

Новиот филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски, инаку кубанско-американска копродукција, се најде во новата натпреварувачка селекција на фестивалот од Нанси – ЛАБО за експериментални филмови.

„Крајот на времето“ е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.

- „Крајот на времето“ е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во кино-сала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин“, има речено за својот филлм најнаградуваниот и најуспешен македонски филмски уметник Милчо Манчевски.

Филмот е снимен во Сан Антонио де лос бањос на Куба, а постпродукцијата во Њујорк и Македонија. Ова е една од првите американско-кубански копродукции, која почна пред неодамнешното затоплување на односите меѓу двете земји.

Македонската Агенција за филм и македонското Министерство за култура не учествуваат во овој проект. Директор на фотографија е Ален Лопез Мартинез, монтажер Кристина Поженел, автор на музиката и тонскиот дизајн е Игор Василев Новоградска, визуелните ефекти се на Мишо Ристов и Рекс, а колор грејдингот на Мајкл Двас.

Вториот краткометражен филм е „Еклер“, во режија на Марко Ѓоковиќ, кој се наоѓа во меѓународната селекција. Филмот ја третира приказната за синот на готвачката од Маршаловата вила, кој по десет години добива шанса да ја вкуси храната што цел живот гледа како се готви, а не смее да ја допре. Во главните улоги настапуваат Давид Тодосевски, Дина Јовевска, Звезда Ангеловска, Игор Ангелов, Борис Дамовски, Горан Трифуновски, Емил Костовски и Сара Климоска.

До организаторите на фестивалот од Нанси, годинава беа испратени вкупно 2.352 краткометражни филмови од целиот свет, од кои само седумдесетина се наоѓаат на фестивалската програма.

На овој филмски фестивал во Франција веќе пет години претседател и главен уметнички директор е Македонецот Тони Гламчевски, новинар.

На свеченото овторање на фестивалот минатиот викенд присуствуваше и амбасадорот на Република Македонија при Советот на Европа Петар Поп Арсов, кој во таа прилика имаше средба со претставници на градските и регионалните власти.

На Меѓународниот филмски фестивал од Нанси се прикажуваат околу 150 филмови, од кои половината се краткометражни во различни натпреварувачки категории. Има посебна селекција за млада публика, има натпреварувачка европска селекција на документарни долгометражни филмови, престижната селекција „Под Ѕвездите“ - проекции на отворено, за која се дава наградата на публиката. Минатата година наградата ја доби „Џипси Меџик“ на Столе Попов.

На фестивалот, од 25 август до 4 септемврим ќе бидат прикажани околу 150 филмови од над 60 земји. Ќе има 104 сеанси, од кои многу француски и меѓународни премиери. Фестивалот годинава се фокусира на Јужна Америка и околу темата за популизмот, германскиот и германофонскиот филм, документарци во официјална натпреварувачка слекција за европскиот документарен филм, а има и богата избор на филмови за младите од три до 15 години. Тука е и селекцијата на Големиот регион, односно источниот дел на Франција, Луксембург, Белгија и пограничните делови на Германија.

Специјален гостин на фестивалот е 89-годишниот познат режисер Марсел Офулс, чиј татко е Макс Офулс, во чија чест ќе биде прикажан документарниот филм „Сеќавањето на правдата“ за судењето во Ниренберг. Целта на фестивалот од Нанси е надминување на границите и предрасудите.