Македонија
1. September 2016 - 17:27

Македонски филмови на Меѓународниот филмски фестивал Нанси-Лорен

Во францускиот град Нанси во тек е 22-то издание на Меѓународниот филмски фестивал Нанси-Лорен (ФИФНЛ), на кој се претставени два македонски филмови и една копродукција.

Синоќа пред фестивалската публика премиерно беше прикажан филмот „Лазар“ на Светозар Ристовски, во специјалната програма „Мигранти и бегалци“, јави дописникот на МИА.

Филмот на Ристовски беше поздравен од публиката и професионалните филмски работници како филм кој отвора ново поглавје во македонската и балканската кинематографија. „Лазар“ беше единствениот долгометражен игран филм во оваа селекција.

Вчера вечер беше прикажан и филмот „Бабаи“ на Висар Морина, во кој Македонија се јавува како земја копродуцент.

Специјален гостин на фестивалот е актерот Предраг Мики Манојловиќ, чиј татко е роден во Нанси и има корени од Лорен. Манојловиќ во својата селекција на филмови, покрај театарската претстава „Ромео и Јулија“ и документарниот филм „Равенка со една непозната“, го избра и македонскиот филм „Џипси Меџик“ на Столе Попов, со кој ќе биде затворена фестивалската програма во сабота.

Ова ќе биде повторно претставување на „Џипси Меџик“ во Франција по триумфот на фестивалот во Монтпелје во 1997 година. Прикажувањето на филмот на фестивалот во Нанси се реализира во соработка со режисерот Стале Попов, Кинотеката на Македонија и Агенцијата за филм на Македонија. За филмот повторно е изработен превод на француски јазик со што ќе му се дозволи да го продолжи својот живот во новата ремастеризирана дигитална верзија, која за прв пат ќе биде прикажана во Франција.

Минатата година на овој фестивал беше прикажан филмот „До Балчак“ на Столе Попов, како и филмовите „Пред дождот“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, „Панкот не е мртов“ итн.

На фестивалот од 26 август до 4 септември ќе бидат прикажани 147 филмови од 39 земји. Во рамки на фестивалот ќе има 12 француски премиери и четири меѓународни премиери. Фестивалот годинава се фокусира на германскиот и германофонскиот филм, на Јужна Америка и околу темата за миграција и бегалци. Во меѓународната селекција на кратки филмови се натпреваруваат 28 филмови, во официјалната натпреварувачка селекција за европскиот документарен филм се девет документарци, а има и богата избор на филмови за млади од 3 до 15 години. Годинава, фестивалот ја воведе и селекцијата на Големиот регион, односно источниот дел на Франција, Луксембург, Белгија и пограничните делови на Германија.

Вечерва се прикажува филмот „Нека остане помеѓу нас“ на Ратко Грлиќ, како филм избран од Мики Манојловиќ.

На фестивалот беше прикажан и документарниот филм „Валентина“ на Фелдман, посветен на малата Валентина која живее со своето семејство во Шутка.

- Филмовите и фестивалите имаат тенденција да се огледало на реалноста, го поттикнуваат дијалогот ја прикажуваат траума, лутината, омразата и денешните предрасуди, вели Тони Гламчевски, генерален делегат и претседател на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси во уводникот на каталагот.

Целта на фестивалот од Лорен е надминување на границите и предрасудите.