Македонија
18. May 2020 - 16:43

Македонски државјани со двојно државјанство не полетаа од Софија за Цирих

Група македонски државјани меѓу кои и неколку струмичани требало  преку Бугарија да летаат за Швајцарија, но  биле вратени пред полетувањето на авионот од Софија кон Цирих. Македонците биле со двојно државјанство и во Швајцарија патувале на привремена работа. Враќањето од аеродромот се случило десетина минути пред поаѓањето.

Според сведоштвото на патниците тие имале купена авионска карта и декларација за коридор, односно превоз до аеродромот во Софија и валиден договор за работа во Швајцарија. Враќањето од аеродромот, се случило  иако претходно биле  направени сите процедури и контроли, но кога требало да влезат во авионот едноставно ги вратиле назад, со што целосно им пропаднале авионските карти и договорот за работа со швајцарските работодавачи.

Македонските државјани не биле единствените кои биле вратени на 10 минути пред поаѓањето за Цирих, во иста ситуација се нашле и патници од други држави.

Патниците сметаат дека со ваквиот потег тие се сериозно оштетени  и затоа најавуваат дека ќе бараат правна разврска и обештетување од страна на бугарската компанија со која требало да патуваат, односно целосно враќање на средствата за авионските карти. Освен струмичани, меѓу лицата кои  требало да заминат на сезонска работа во Швајцарија, но биле вратени назад има и граѓани од Делчево. Сите тие најверојатно наредните 14 дена ќе останат во самоизолација.