Македонија
1. November 2016 - 16:57

Македонската музика се враќа во етерот - Министерството за култура ја укина забраната на ЗАМП

Македонската музика повторно ќе се емитува на радијата и телевизиите. Министерството за култура донесе Решение за запирање од извршување на Одлуката на Собранието на Здружението за заштита на авторските и музички права (ЗАМП), со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување.

Од ресорното министерство објаснуваат дека по надзорот над Одлуката на Собранието на ЗАМП е констатирано дека истата не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право.

Во согласност со член 157 став 1 од Законот, доколку во спроведување на надзорот над актите на организацијата за колективно управување Министерството за култура оцени дека општ или поединечен акт не е во согласност со Законот, статутот, односно договорот за основање, со решение ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежниот суд за оцена на законитоста на актот. Решението на Министерството со кое Одлуката на ЗАМП се запира од извршување влегува во сила со денот на донесувањето, стои во соопштението на Министерството за култура.

Од Министерството потсетуваат дека авторите на музички дела имаат право преку соодветната организација за колективно управување или индивидуално да забранат користење на нивните дела, но на начин и под услови кои се во согласност со Законот за авторското право и сродните права.

Забраната на ЗАМП за јавно емитување на музика од автори, кои се нивни членови, стратуваше од 20 септември.