Македонија
8. May 2018 - 15:43

Македонската кинематографија на 71. Кански филмски фестивал

Со еден филм во официјалната натпреварувачка програма, со четири најнови остварувања што ќе бидат прикажани на филмскиот маркет и со неколку значајни промотивни активности, македонската кинематографија ќе биде дел од 71. Кански филмски фестивал, чиј почеток ќе биде означен вечер.

По деветти пат Македонија ќе учествува на филмскиот маркет во Кан со свој промотивен штанд во рамки на Павилјонот на земјите од Југоисточна Европа - SEE Pavilion no. 135, заедно со уште седум земји од регионот, Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Кипар.

Агенцијата за филм информира дека во официјална фестивалска конкуренција ќе биде прикажан филмот „Дивата круша“ во режија на Нури Билге Џејлан, копродукција меѓу Турција, Македонија, Франција, Германија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Шведска. Фестивалската проекција е закажана за 18 мај во 18 часот во салата „Grand Thatre Lumiere“, а проекциите кои се организирани за новинарите ќе се одржат во салата „Debussy“ во 18:30 и во салата „Bazin“ со почеток во 18:45 часот.

 Кански филмски фестивал

На филмскиот маркет ќе бидат прикажани два најнови филма: „Хепинес ефект“ во режија на Борјан Зафировски со проекција на 14 мај со почеток во 9:30 часот во „PALAIS B“ и „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски, со проекција на 14 мај со почеток во 12 часот во „PALAIS C“.

Освен долгометражните, на маркетот за краткометражни филмови „SHORT FILM CORNER“ ќе учествуваат краткомeтражните филмови „Една“ во режија на Вук Митевски и „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.

Во дневните изданија на списанието „Холивуд репортер“ Агенцијата за филм закупи простор за објава со која ќе се направи промоција на Македонија како дестинација за снимање филмови. За унапредување и подобрување на активностите за промоција на Македонија како дестинација за снимање, Агенцијата за филм подготви и посебна веб-страница www.filmingmacedonia.com за која посебно биле изработени промотивни слајдови со фотографии од најатрактивни локации за снимање. Оваа страница е отворена непосредно пред почетокот на фестивалот.

За време на фестивалот е предвидено Агенцијата за филм на Македонија да потпише и договор за меѓусебна соработка на полето на остварување копродукција со Косовскиот филмски центар. Врз основа на претходни договори со Бугарскиот филмски центар исто така подготвен е текст за потпишување договор за меѓусебна соработка на полето на остварување копродукција. Договорот од страна на двете институции, како што се наведува, ќе биде конечно дефиниран, а АФРМ во изминатиов период преку Министерството за надворешни работи почна постапка за верификација.