Бизнис
15. July 2018 - 20:04

Македонската асоцијација за рударство се противи на новите предлог измени во законот за минерални суровини

Македонската асоцијација за рударство се противи на новите предлог измени во Законот за минерални суровини, предложени од група пратеници во парламентот. Овој Закон е еден од нај менуваните во последните 12 години, тврди Николјачо Николов, претседател на Асоцијацијата, а причина се набрзина донесените одлуки кои не можат да се имплементираат во пракса. Како пример, со новите предлог измени се предвидува инвеститорот да депонира финансиски средства, во случај да има штетни ефекти врз животната средина.

- Тоа е реченица која многу обврзува, многу е нејасна. Таа треба да се прошири, какви елаборати, какви документи ќе се направат за влијание врз животната средина, како ќе се оцени висината на гаранцијата и тоа со сигурност ќе биде дополнително уште еден момент на одбојност на инвестиотрите во Македонија- изјави Николчо Николов

Во рударството во Македонија скоро и да нема домашни инвеститори, а ова е уште една во низата негативни пораки кои се испраќаат кон заинтересираните странски вложувачи. Дека измените ќе се носат набрзина и без основа говори и следниот факт.

- Во Министерството за економија немаат информација дека ќе се врши измена и дополна на Законот за минерални суровини. Тогаш, можеме да заклучиме, дека група луѓе ли се, човек ли е, кој ги бутка овие измени-додаде Николов

Николов додаде дека преку Асоцијацијата ќе бараат од пратениците да се воздржат од гласање и да побараат надополнување на Законот, со кои навистина би се заштитиле интересите на државата, но кои ќе ги штити и инвеститорите и сопствениците на рудниците.