Македонија
12. August 2016 - 20:56

Македонска Каменица се подготвува за одбележување на Денот на рударите

Македонска Каменица се подготвува за одбележување на дведецениското постоење како самостојна општина и на Денот на рударите- 28 август.

По тој повод на денешната прес-конференција градоначалникот Дарко Митевски истакна дека во Македонска Каменица ќе има богата културно-уметничка програма и додаде оти ќе бидат ставени во функција неколку значајни инфраструктурни објекти.

- Ќе почнеме со концертот на Мирослав Илиќ на 26 август, а на 27 август ќе имаме вечер на македонската естрада, каде ќе настапат македонски ѕвезди. На 28 август концерт ќе одржи Цеца. На овие три вечери, кои се дел од Каменичкото културно лето, а ги реализираме со поддршка на Роц „Саса“, очекуваме голем број гости од регионот, но и од соседните држави. Овие настани се значајни и за промоција на општината, но и за локалната економија, што всшуност го има докажано нашето повеќегодишно искуство во организацијата на Каменичкото културно лето, рече Митевски.

Тој додаде дека во рамки на одбележувањата ќе биде пуштен во работа новиот објект на Дневниот центар за лица со посебни потреби, неколку улици во централното грасдско подрачје, а ќе бидат реализирани и неколку социјални програми за учениците и за граѓаните од Македонска Каменица.

Рударската населба, која никна покрај рудникот Саса административно беше врзана со општина Делчево. Од 1996 година е самостојна општина, нераскинливо врзана со опстојувањето на рудникот, чии подеми и падови се рефлектираат и во развојот на општината.

- И во претходниот период кога Македонска Каменица не беше самостојна општина имаше интензивен развој, кој одеше паралелно со развојот на рударството, но сведоци сме дека најинтензивен развој имаме од 2008-2009, кога најголем дел од концесиите кои завршуваа во централниот буџет, оттогаш завршуваат во општината. Изминатиов период имавме можност да изградиме многу објекти, да направиме многу и за невладините организации, за културата и за спортот и за инфраструктурата. Јас се надевам на успешно опстојување на рударството во Каменица со развој и отворање на нови рудници, но и развој на нашата индустриска зона која ќе биде алтернатива на рударството, рече Митевски.

Македонска Каменица почна да се гради уште во 1966 година, кога почна со работа рудникот Саса, а паралелно со развојот на рудникот се градеше денешната населба за рударите и нивните семејства.