Македонија
24. August 2016 - 15:25

Македонска Каменица подготвена за „Каменичко културно лето“

Македонска Каменица е подготвена да пречека над 30 илјади гости на традиционалната манифестација „Каменичко културно лето“, што општината ја организира по повод празникот на рударите 28 Август, Голема Богородица.

Ова го изјави денеска на прес-конференција градоначалникот на Македонска Каменица, Дарко Митевски, кој очекува дека во трите вечери од манифестацијата општината ќе се покаже како добар домаќин со беспрекорна организација.
 
- Согласно со планот на актвностите веќе се одржани неколку координативни сотаноци со надлежните инстутиции,како КИЦ „Романса“, МВР, нашето ЈП „Камена Река“, брзата помош. Технички, во моментов се работи на монтирање на бината. Во оваа прилика сакам да кажам дека Каменица е подготвена да ги најави спектакуларните концерти. Започнуваме в петок со концертот на Мирослав Илиќ, в сабота се концертите на ѕвезди од македонската естрада, ќе настапат Сузана Гавазова, Драган Мијалковски и многу други, а в недела, на самиот Ден на рударите, ќе настапи балканската ѕвезда Цеца. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите граѓани на државава и пошироко да бидат дел од ова спектакуларно музичко шоу во Каменица, рече Митевски.
 
Тој додаде дека концертите се органицираат со поддршка на локални спонзори, но и со традиционалниот партнер на Каменичкото културно лето, РОЦ Саса.
 
- Нашите интенции кога почнавме пред неколку години со организацијата на овие настани, беа и се уште се, да донесеме ѕвезди во М. Каменица со кои ќе ги анимираме нашите сограѓани, како од градот М. Каменица, така и од руралните средини, да дојдат овде на градскиот плоштад и да поминат незаборавна вечер на нивниот празник што ќе ја паметат цел живот. Исто така, сакаме да привлечеме и поголем број гости од соседните општини, но и држави. Досегашното искуство покажало дека на овие концерти доаѓаат и многу гости од соседна Бугарија, рече Митевски.
 
Општината на локални угостители издала околу 10-ина штанда за храна и пијалоци, но тие три вечери, ќе бидат ставени во функција и сите трговски-угостителски објекти во М. Каменица.
 
Инаку, на Денот на рударите и празникот на Општината 28 Август, како  и прославата на двецениското самостојно постоење на општината, се најавува пуштање во употреба на неколку инфраструктурни проекти.