Бизнис
19. October 2019 - 18:13

Македонска Каменица доби награда за креирање добар амбиент за развој на претприемништвото

Општина Македонска Каменица доби престижна награда за креирање добар амбиент за развој на претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа.

Наградата што ја доделува „Глобал Локал“ за градоначалничката Соња Стаменкова, значи потврда на напорите за поттикнување и разој на претприемништвото и бизнис заедницата во општината и пошироко.

– Наградата ни беше доделена во рамки на официјалната програма на Светскиот конгрес на претприемачи, што се одржа под покровителство на Владата и се доделува со цел да ја подигне свеста за локалниот економски развој. Како општина организиравме неколку настани за поттикнување на развојот на претприемништвото, меѓу кои и форуми со бизнис заедницата во регионот и пошироко. Целта секако беше давање комплетен придонес за развој на претприемачкиот дух во нашиот регион и поблиското опкружување, истакна Стаменкова.

Како што додаде, во оценката за тоа која општина ќе биде избрана се вреднувале резултатите од успешно одржување на развојот на општината, развојот на претприемништвото, што е пак основа за развој на заедницата. Наградата, Општина Македонска Каменица ја доби во категоријата „Најдобра локална заедница во 2019 година“.

Проектот за промоција и наградување на најдобрите заедници и институции за креирање добар амбиент за развој на претприемништво во Средна и Југоисточна Европа „Глобал Локал”, има за цел да ја подигне свеста за локалниот економски развој, развојот на претприемништвото и севкупниот економски и општествен развој.