Loading Video...
Македонија
20. July 2019 - 20:03

Македонка на црвениот килим за Еми награда

Македонско девојче на црвениот тепих во Холивуд. Скопјанката Алексaндра Кочоска Дековиќ е продуцент за визуелни ефекти во ЦБС, работи на серијата  „Стар трек дискавери“ која е една од петте серии што годинава е номинирана за престижната награда ЕМИ, токму во категоријата визуелни ефекти.

„Пресреќна сум за номинацијата. Се надеваме на победа, но конкуренцијата е многу силна. Лани не успаевме да влеземе во потесната конкуренција и сега навистина се радувам што нашата работа беше земена во предвид. Има над 100 серии кои аплицираат за оваа работа така што со само тоа што влеговме во финалните пет е голем успех и многу сум среќна“, вели Александра Кочоска Дековиќ.

Американската приказна на Александра започнува пред 10 години кога со својата диплома - филолог по англиски јазик заминува како бејбиситер во Њујорк. Холивуд не е во нејзиното сценарио во тој момент. После една година оди на посета кај пријателка во Лос Анџелес и животот добива нов тек. Го запознава својот сопруг Анте Дековиќ кој работи како супервизор на визуелни ефекти и и ја пренесува својата страст кон оваа индустрија. Се запишува на Универзитетот во Лос Анџелес и добива уште две дипломи, за бизнис менаџмент во забавната индустрија и за развој.

„Добра работа на овој Универзитет е тоа што мораш да имаш пракса додека учиш. Тогаш прв пат работев как асистент и тоа на филмот „Падот на Белата куќа“ и оттука почнува мојот пат во оваа оваа индустрија во делот на визуелните ефекти“, вели Кочоска.

Во сивито на Алексаднра стои дека работела на сериите „Crossbones“, „Sleepy Hollow“, „Limitless“, „True Detective’. Во моментов работи на три: „Стар трек Пикард“, „Стар трек шорт трекс“ и „Стар трек дискавери“ која е номинирана за ЕМИ. Нејзиниот работен ден трае во 12 до 15 часа. Задолжена е за буџетот на серијата. Секоја епизода од „Стар трек“ има посебен буџет. Освен со својот тим, работи и со неколку компании – соработници меѓу кои и македонската ФХ3Х. Работата почнува со креирање листа на потенцијални кадри и буџет за неа во соработка со супервизирот, режисерот и продуцентите . Главната работа почнува откако сцените ќе бидат снимени. Александра е таа која во постпродукција се грижи буџетот да не биде пречекорен, а да не биде загрозена ни креативноста.

„Во зависност од тоа во која фаза е снимањето, денот почнува или на сет или со состаноци во канцеларија. Во принцип, работата на продуцентот не е да оди на сет, но ако се снима некоја сложена сцена тогаш е подобри да се биде на лице место за потоа полесно да се сработи постпродукцијата“, објаснува Александра.

Иако е успешна таму каде што е, вели не може да не и фали се во Македонија и одвај чека повотрно да дојде тука.

„Лани успеавме четири пати да дојдеме, годинава за жал нема да можеме. Ми фали моето семејство, родителите, сестра ми, зет ми...Ми фали храната. Се надевам дека следната година ќе имаме подолг одмор во Македонија“, вели Кочоска.

Александра е првата Македонка номинирана за ЕМИ наградата. Првиот Македонец пак беше Кристијан Даниловски од ФХ3Х во 2007 година, компанија која подоцна работеше на филм кој доби ОСКАР.