Спорт плус
30. August 2016 - 14:08

Македонија во подмладен состав на Шаховската олимпијада

Македонските шаховски репрезентации во машка и во женска конкуренција на претстојната Олимпијада во Баку, Азербејџан ќе настапат подмладени со дебитанти во своите редови.
 
Но и покрај тоа што шанса ќе добијат помладите шахисти, директорот на Агенцијата за млади и спорт очекува македонските шахисти во Баку да се претстават во вистинско светло и достојно да ја промовираат државата.
 
- Од тоа што ме информираше раководството на Шаховската федерација, можам да кажам дека Македонската машка репрезентација ќе настапи со подмладен состав на репрезентативци, кои треба полека да го градат своето меѓународно искуство имајќи ги покрај себе најдобрите македонски шахисти како велемајсторот Трајко Недев, додека пак женската репрезентација ќе ја предводат нашите најдобри млади шахистки на возраст од 15 до 23 години, за кои верувам ова е голем предизвик и мотив за понатамошна работа во шахот, изјави Спасески на денешната прес-конференција.
 
Нашите шаховски легенди од калиброт на Трајко Недев, Весна Секуловска, Драгољуб Јаќимовиќ и Владимир Георгиев се и носители на највисокото спортско признание, популарната “Спортска пензија”, што дополнително говори за тоа дека Македонија има потенцијал во шаховскиот спорт, додаде Спасоски.
 
Македонија може да се пофали со високи резултати на меѓунраодните натпреварувања. На шаховската олимпијада во Истанбул, 2000 година, го освои 7.место. Следната 2001 година беше 8. на Светското првенство во Ереван(Ерменија), а на Шаховската олимпијада на Блед(Словенија) во 2002-та година го повтори истиот резултат.
 
- Јас искрено очекувам високи резултати од нашите репрезентативци,  особено од предводникот на оваа генерација кој е искусен ветеран и носител на спортско национално признание – Спортска Пензија од Агенцијата за млади и спорт Трајко Недев, кој треба да го трасира патот за идните генерации,   кои ќе бидат идни носители на играта на шаховскиот национален тим, рече директорот на АМС и им посака успешен настап на репрезентативците.
 
Шаховската Олимпијада во Баку која ќе се одржи од 1 до 14 септември.
 
Селекторот на машкиот тим Марјан Митков го соопшти составот кој ќе се обиде да постигне добар резултат. Боите на Македонија на машкиот турнир ќе ги бранат: Трајко Недев, Филип Панчевски, Александар Чоловиќ, Тони Лазов и Никола Николовски.
 
- Очекувам младите шахисти да не бидат премногу импресионирани од настапот и да се пласираат барем десетина места над стартниот рејтинг, истакна Митков.
 
Женскиот тим го состави селекторот Влатко Богдановски.
 
- Моја цел беше во овој кус период максимално да се подготвиме и да не бидеме само рутински натпреварувачи, туку и да бидеме тим кој ќе биде закана за посилните тимови, барем во одредени мечеви, рече Богдановски.
 
Женската репрезентација ќе ја сочинуваат: Моника Стојковска, Бојана Бејатовиќ, Драгана Николовска, Симона Лакинска и Ивана Манева.
 
На Олимпијадата ќе се играат 11 кола со еден слободен ден.