Македонија
7. January 2020 - 9:55

Македонија во 2020. и официјално членка на НАТО

Уште две ратификации, онаа во шпанскиот Парламент и таа во Собранието кај нас ја делат Северна Македонија од полноправното членство во Северноатланската алијанса, кое ќе биде реализација на стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година.

За десет месеци Протоколот за пристапување во НАТО го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а приемот на Северна Македонија како 30.членка на НАТО е извесно, влезот е само формалност, бидејќи одлуката и согласноста од 29 земји-членки е веќе дадена.

Се чека ратификацијата во шпанскиот Парламент, но тоа таму ќе се случи откако привремениот шпански премиер Педро Санчез ќе формира Влада. Тоа не успеа да го направи завчера, а за да формира влада на неговите социјалисти и левичарската партија „Обединети можеме“ втора можност ќе добие денеска. Санчез завчера во Парламентот освои 166 гласови, а за потребното мнозинство му требаа 176.

Владата се одлучи за предвремена ратификација

Од наша страна, пак Предлог-законот за ратификација веќе е во собраниска процедура. Владата кон крајот на минатиот месец се одлучи за предвремена ратификација кај нас, со цел да не се загуби континуитетот во процесот на официјализирање на нашето членство со оглед на тоа што земјава оди на предвремени избори на 12 април, а Парламентот се распушта на 11 февруари.

Информациите кои ги изнесуваа нашите власти изминатиот период е дека процедурата во Шпанија ќе заврши до крајот на овој месец, а иницијативата за предвремена ратификација прва ја покрена ВМРО-ДПМНЕ, но тогаш и тогашниот премиер Зоран Заев и претседатателот на Собранието Талат Џафери напоменаа дека тоа не е работа на законодавниот дом или на политичка партија, туку работа на Владата.

Заев тогаш иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ ја означи како политичка калкулација и ги праша пратениците од оваа партија каде биле кога во Собранието се носеле важните стратешки одлуки за земјата, но сепак кон крајот на месецот Владата се одлучи за овој чекор.

Предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор на Северна Македонија со НАТО треба да биде усвоен во Собранието и се предвидува да стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник, по што ќе биде депониран во Вашингтон, откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување.

Северна Македонија во Лондон прв пат учествуваше како де факто членка на НАТО

Иако се уште неформализирано, членството во НАТО беше де факто потврдено на самитот на Алијансата кон почетокот на минатиот месец во Лондон, на кој беше одбележана 70-годишнината од НАТО и на кој делегацијата на Северна Македонија седна на иста маса со лидерите на земјите-членки.

Владината делегација, ја предводеше тогашниот премиер Заев, а во нејзин состав беа и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Заев пред почетокот на лидерскиот состанок на земјите членки на НАТО за МИА изјави дека ова за него претставува историски момент, кога за прв пат Северна Македонија ќе седи на своето место, како земја членка на Алијансата.

– За мене ова е историски момент затоа што дефинитивно седумдесетгодишнината на НАТО, се одржува со триесеттата членка. Ние ќе седиме на главните состаноци со сите лидери, јас имам свое обраќање како што ќе имаат сите други лидери, ова е историски момент, очекувам дека нашиот народ во Република Северна Македонија ќе биде среќен за овој историски момент, ја постигнуваме една од двете најголеми стратешки определби на нашата земја, која значи траен мир, слобода, демократија, но значи и безбедност, сигурност и веднаш потоа инвестиции и повисоки плати и повеќе надеж за младите да останат во државата, изјави Заев за МИА.

Заев, меѓудругото рече дека денес Северна Македонија го живее сонот на генерациите пред нас, на сите граѓани и лидери од нашата земја кои се вградени во остварувањето на стратешкиот стремеж кој започна со независноста на нашата земја – се исполнува деценискиот стремеж нашата татковина да ја направиме членка на НАТО.

– Овие два дена во Лондон, кога нашата Северна Македонија е претставена на највисоко владино ниво на Состанокот на лидерите на НАТО, по повод 70-годишнината од Алијансата, се остварува на сонот, заедничкиот сон за национален успех на сите наши граѓани. Иднината на Северна Македонија има адреса. На таа адреса е запишана трајната безбедност и сигурност за земјата и за граѓаните. Таа адреса е Главното Седиште на НАТО во Брисел, рече Заев.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот го поздрави учеството на македонската делегација и порача дека членството на земјата е позитивен чекор за целиот регион.

– Топло ја поздравивме Северна Македонија денеска, изјави Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот.

Тој додаде дека членството на земјата е знак оти вратите на Алијансата остануваат отворени и за други земји во иднина.

– Членството на Северна Македонија не е добро е само за Северна Македонија, туку за регионот, тоа ќе покаже дека НАТО ја остварува политиката на отворени врати, рече генералниот секретар на Алијансата.

6 февруари 2019 – Ден на потпишувањето на Протоколот

Откако Северна Македонија и Грција го решија спорот за името, Договорот од Преспа беше ратификуван од македонскиот Парламент, поддршка добија и уставните измени, а потоа договореното беше ратификувано и од Грција, земјава како што ѝ беше ветено поканата за НАТО ја доби на самитот на 11 и 12 јули 2018 година во Брисел, а следната година на 6 февруари амбасадорите на земјите-членки на НАТО исто така во Брисел го ставија својот потпис на Протоколот на пристапување во Алијансата.

По потпишувањето на Пристапниот протокол, С. Македонија стана дел од сите работни тела и органи на Алијансата, со право да учествува во дискусиите, но без право на глас и таквиот статус ќе трае сè додека не заврши процесот на ратификација во парламентите на сите 29 земји членки.

Веднаш по потпишувањето како историски ден и горд момент за земјата и за сите НАТО сојузници и сите кои придонесоа кон процесот, а особено за тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои покажаа силно лидерство, но и храброст за сето ова да се оствари, го оцени овој чин Столтенберг во интервју за МИА, дадено денеска во Брисел, веднаш по церемонијата.

По потпишувањето на Протоколот земјата се стекна со право да учествува во сите формати, на речиси сите состаници, но има и исклучоци. На пример, не може да бидете дел од состанокот на Групата за нуклеарно планирање, тоа е еден пример каде што само полноправни членки може да учествуваат.

Уште истиот месец, односно на 13 февруари Шекеринска беше првиот министер за одбрана кој во Брисел учествуваше на официјалниот состанок на министрите одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО.

Северна Македонија планира стапката од два отсто од БДП за одбраната да ја достигне и пред 2024

Во пресрет на самитот во Лондон Столтенберг, се пофали со раст на трошоците за одбрана во сите земји членки на НАТО и сѐ поголем број на земји кои ја исполнуваат обврската да одвојат два отсто БДП за воената одбрана. Земјите членки на Алијансата во 2014 се обврзаа дека до 2024 сите ќе ја исполнат оваа обврска, во 2019. девет од нив ја постигнаа стапката, додека трошоците за одбрана растат пет години по ред.

-Ова е петта последователна година на раст кај сите сојузници, сојузници додаваат милијарди и реалниот раст е од 4,6 отсто, што е над сто милијарди долари повеќе од тоа што беше инвестирано во 2016-та, рече Столтенберг.

НАТО неспоредно пред самитот објави комплетен извештај за трошоците за одбрана на сите земји членки и врз основа на проектираните трошоци што ги поднеле сите земји, Алијансата заклучи дека акумулираниот раст ќе биде 400 милијарди долари, “што претставува напредок без преседан“, смета генералниот секретар.

Заев на конференцијата во Лондон „НАТО се ангажира“, на маргините на самитот се заложи за постигнување на стапката од два отсто пред 2024. Тој потсети дека земјата речиси ја дуплираше оваа стапка за три години, од 0,9 отсто во 2017, таа ќе постигне 1,4 отсто во 2020. Важно е да се напомене дека Северна Македонија во 2007 одвојуваше стапка од 2,7 отсто во 2007. Притоа, за овие три години, Северна Македонија посветува 23 отсто од тие средства за модернизацијата на воените сили, што е исто така дел од заложбите на земјите сојузнички од 2014-та.

А котизацијата за членство земјава годишно ќе ја чини 1,2 милиони евра. Ова го најави министерката за обрана Шекеринска на денот на потпишувањето на Протоколот.

-Според разговорите кои што ги имавме во НАТО, проценките, калкулациите, негде околу 1,2 милиони евра ќе придонесува Македонија во буџетот за НАТО. Тоа не е голема сума. Факт е дека најголемиот дел од инвестирањето во НАТО е инвестирање во нашата одбрана и во нашата армија, а дека овој дел на трошоци не се трошоци од кои зависи буџетот на една земја, рече Шекеринска.

НАТО значи партнерство, безбедност, заедништво, можност за економски просперитет, но и нови предизвици

Зголемена безбедност, согласно основниот принцип на кој почива Алијансата „еден за сите, сите за еден“ е една од најголемите придобивки кои се очекуваат од влезот на земјава во НАТО. Поголемата стабилност ќе привлече и повеќе инвестиции, членството не е гранција за тоа, но сепак постои некоја корелација меѓу тие две појави. Северна Македонија ќе треба постепено да ги зголемува буџетските трошоци за одбраната, а по примерот на другите земји ќе може да очекува и раст на странските директни инвестиции, пред се поради зголемената стабилност.

Заев неодамна посочи дека по добивањето на поканата за членство веќе имало видливи резултати во економијата – откако е добиена поканата за членство БДП пораснал за 5,5 проценти, невработеноста е намалена за 7,5 проценти, индустријата бележи пораст од 8,8 проценти, а платите пораснале за 6,1 процент.  Странските инвестиции, според Заев, постигнале нов рекорд во државата од 625 милиони евра или трипати поголем од просекот во последните осум години, а двојно поголем од најдобрата година досега.

Со членството во НАТО се отвора и можноста за македонските компании за зголемување на нивните работни активности, преку можноста да учествуваат во ланецот на набавки и ланецот на снабдување со производи за потребите на Алијансата.

-Практично со членството во НАТО се создаде една голема можност компаниите од нашата земја да учествуваат во нивните тендерски постапки и се овозможува на нашите компании да понудат производи кои би можеле да ги испорачат за потребите на НАТО алијансата. Сакам да кажам дека се работи за еден значителен буџет, којшто се мери во милијарди евра, којшто стојат на располагање на нашите компании да учествуваат како и сите други компании во сите други земји членки на НАТО и тоа е голема можност која треба да ја искористиме. Во нашата земја немаме ракетни системи и производство на оружје, но имаме доста производи кои може да бидат понудени, пред се во делот на храната, текстилот, поштата, индустријата, метална индустрија и во делот на пропратните логистички потреби, потенцира неодамна поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

А Заев на неодамнешната дипломатската дискусија со амбасадорите на земјите-членки на НАТО на тема „Патот до Брисел“ истакна дека како идна 30-та земја членка, земјава сака да обезбеди свој придонес за понатамошно унапредување на Западен Балкан во мирен просперитетен и демократски регион и да дадеме сериозен придонес во мирот, стабилноста и безбедноста на цела Југоисточна Европа. Оцени и дека со членството во НАТО можеме да очекууваме и четири проценти економски раст, бидејќи НАТО носи охрабрување, стабилност, безбедност што дефинитивно дава и позитивни рефлексии.

Освен придобивки – безбедносни, економски, членството носи и предизвици, имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува Алијансата. Францускиот претседател Емануел Макрон минатата година изјави дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“, образложувајќи го тоа со намаленото американско ангажирање и однесувањето на Турција. Тој се заложи и за затоплување на односите со Русија.

И последниот роденденски Самит во Лондон покажа дека и самата Алијанса се соочува со своите внатрешни предизвици и градење на единствен пристап кон повеќе прашања – односот со Русија, Турција и нејзината интервенција во Сирија, Кина,телекомуникациските инфраструктури во рамките на развојот на 5Г технологијата, состојбата на Блискиот Исток.

Северна Македонија се држи настрана од конфликтните теми и „има разбирање“ за сите страни, е ставот на Владата.

А министерката за одбрана Шекеринска неодамна во интервју за МИА потенцира дека во 2020 година Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО и оти фокусот во моментов треба да биде на тоа што ние кај нас треба да го завршиме.

-За нас, комплетирањето на техничкиот процес за полноправно членство во Алијансата, последната ратификација од страна на шпанскиот парламент е приоритет, иако тоа не зависи директно од нас. Сега е потребно како држава да покажеме дека доколку од нашите сојузници бараме да бидат максимално посветени на завршувањето на интерните процедури, и ние дома знаеме да си ја завршиме нашата домашна задача, нагласи Шекеринска.

Парламентот во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година.

Земјава најблиску до членство беше во 2008 година на самитот на НАТО во Букурешт. Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името, а откако по речиси три децении спорот беше надминат вратата за Алијансата се отвори и земјава мошне скоро и официјално ќе стане 30. членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот.

Ана Цветковска/МИА