Фудбал
29. January 2019 - 17:18

Македонија стартува со нов мундијалски квалификациски циклус

Нови возбудувања за љубителите на футсалот во Македонија  од четврток.  Претквалификациски турнир за пласман на Светското првенство.  Од нашиот табор очекуваат освојување на првото место во групата и пласман во елитната фаза.

            Македонија има група во која  е фаворит и поради квалитетот и улогата на домаќин во СЦ јане Сандански во Скопје.  Противници на нашата   селекцијата ќе бидат Грција, Сан Марино и Албанија.

            Предизвикот е да се освои првата позиција што носи учество на вториот турнир во Украина.  Во нашиот табор очекуваат да се оправда фаворитската улога на мечот со Грција кој се игра на 31. Јануари.  Потоа следниот ден играме со селекцијата на Сан Марино и последен е дерби мечот за 1. Место со Албанија кој е закажан за во недела. 

            За селекторот Божовиќ и неговите избраници хендикеп ќе биде неиграњето на Бразилецот Данило и Мицевски кои се повредени но главен адут ќе биде колективната игра и желбата да се пласираме на голем настан каков што е Мундијалот и притоа се истакнува поволниот распоред на следниот турнир во Украина каде противниците се полесни во однос на турнирот во Романија каде ќе настапи и големиот фаворит Казахстан.

Нашиот капитен Зоран Левески кој има 126 натпревари во дресот на македонската футсал репрезентација смета дека ќе ја оправдаме фаворитската улога на турнирот во Скопје и ќе се пласираме во следната квалификациска фаза.

Македонија е фаворит на овој турнир во Скопје и ќе се обидеме таа улога да ја оправдаме. Уште повеќе затоа што првото место во групата носи пласман во втората квалификациска рунда која се игра во Украина, против домашната селекција, Словенија и уште една репрезентација која ќе избори место преку предквалификациски турнир. Сметаме дека „украинскиот пат“ е далеку подобар за нас, отколку групата на која домаќин е Романија и кадешто Казакхстан е апсолутен фаворит. Во однос на нашиот дел од работата за претстојниот турнир, сметам дека треба да отвориме со победа против Грција, која реално е послаба селекција, Сан Марино е аутсајдер, додека клучен за првото место би требало да биде дуелот против Албанија. Иако според рејтинг се послаби од нас, треба сериозно да ги сфатиме бидејќи имаат квалитетни играчи, двајца во италијанската втора лига, но се надевам дека ќе одиграме зрело и организирано и ќе стигнеме до зацртаната цел, а тоа е прво место во групата, изјави Левески.