Македонија
7. August 2017 - 15:13

Македонија стана членка на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ - ФРА

Членството во Агенцијата за фундаментални права не е изолиран настан што се случи одеднаш, туку тоа е круна на еден процес, кој е започнат уште во 2008 година кога и формално како држава имаме побарано членство во Агенцијата. Низ овој процес поминавме бројни блокади, но еве конечно, го откочивме процесот и станавме членка на оваа важна европска институција.

Ова го истакна вицепремиерот Бујар Османи пред почетокот на денешната средба со министерот за правда Билен Саљији организирана по повод приемот на Македонија во оваа европска агенција, се наведува во заедничкото соопштение од Секретаријатот за европски прашања и Министерството за правда. Тој додаде дека овој настан ја покажува посветеноста на Владата за приближувањето на земјата кон Европската унија на сите можни нивоа.

Вицепремиерот Османи, се посочува, го оцени зачленувањето во Агенцијата за фундаментални права на ЕУ како важен чекор од страна на Европската Унија, кој е во насока на визибилноста на европските перспективи на Република Македонија.

- Ова дотолку повеќе, ако се има предвид дека Република Македонија во моментов претставува единствената земја – кандидат за членство во Европската Унија која се стекнала со право за учество во работата на Агенцијата за фундаментални права на Унијата, додаде Османи.

Министерот за правда, Саљији истакна дека вклучувањето на Република Македонија во работата на оваа агенција како единствено тело кое се занимава со почитувањето на човековите права во Европската Унија, кореспондира со евроинтегративниот процес на Владата и активностите на усогласување на македонското со европското законодавство.

- На овој начин, Република Македонија како единствена од земјите-кандидатки за членство, ќе има директен увид во работата на Агенцијата и можност европските стандарди и практиките да ги пренесе во домашната законодавна и институционална рамка, изјави Саљији.

Тој додаде дека поголемиот дел од финансиските обврски на Република Македонија за членството во Агенцијата се обезбедени во вид на грант преку ИПА од страна на Секретаријатот за европски прашања, додека остатокот од околу 20 отсто ќе го обезбеди Министерството за правда, стои во соопштението.