Loading Video...
Спорт плус
2. October 2018 - 13:34

Македонија со шест спортисти на Младинските Олимписки Игри

Македонија со шест спортисти ќе биде претставувана на Младинските Олимписки Игри во Аргентина.
 
Од сабота (6-ти) па се до 18-ти октомври, во Буенос Аирес ќе се одржат третите летни Младински Олимписки Игри на кои нашата земја ќе биде претставувана од шестмина спортисти, пред се поради роковите за пријавување кои беа дадени од ИОК.
 
„До јануари 2018 моравме да бараме вајлд-карти за настап на нашите натпреварувачи во повеќе спортови, но добивме само за четири. По наше инсистирање, добивме дополнително уште две. Во август, некои други спортист имаа остварено “Б“ норма, но рокот беше до јануари, па не можевме за нив ниту да бараме, ниту да добиеме вајлд-карта, истакна Спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, објаснувајќи зошто само шестмина спортисти ќе не претставуваат на младинската олимпијада. 
 
Претседателот на МОК, Васил Тупурковски посакувајќи им успех истакна дека не се важни само резултатите
 
„Успешниот настап не се само постигнатите резултати или времиња во трките во кои ќе учествувате. Успех ќе претставува и начинот на кој ќе ја претставувате оваа мала земја. Затоа бидете горди што учествувате на еден ваков настап и верувам дека ќе дадете се од себе“, изјави Тупурковски
 
Знаменосец ќе биде Ана Марија Георгиевска, која оствари најзначаен резултат, со  освојувањето на 3.место на Светското првенство во таеквондо.
 
Покрај Георгиевска, во нашата експедиција која утре заминува за Буенос Аирес, а ќе бидат и: 
Миа Крстевска, пливање, 200 и 100 метри грбно
Драган Велинов, борење, 110 килограми
Берат Мустафа, атлетика, 400 метри
Хамза Јашари, џудо, 66 килограми
Фаик Весели, карате, 61 килограм.
 
Очекувањата се скромни, пред се, спортистите веруваат дека ќе ги остварат своите најдобри резултати, додека знаменоската Георгиевска беше најамбициозна најавувајќи борба за медал.
„Чест ми е што ќе настапувам и ќе се борам за моето знаме, ќе се обидам да нападнам медал“, вели Ана Марија Георгиевска.
 
Љубителите на спортот ќе може да ги следат настапите на нашите спортисти на веб страната на Македонскиот Олимписки Комитет.